Имав среќа, а вложив и многу труд за да бидам примен на Унивезитетот во Утрехт, најдобриот универзитет во Холандија и 51. во светот, вели Петар Барлаковски, студент на Правниот факултет во Скопје.
Петар немал среќа да биде еден од ретките „допрени од Бога“, на кои државата ќе им помогне да го усовршат своето знаење на врвен универзитет, а таа, пак, за возврат ќе добие врвен правник. Како Јана Димитрова, на пример.
Ќерката на Никола Димитров во 2017 година добила 40.000 евра стипендија од државата за да студира на универзитетот во Утрехт, Холандија, а министерот тогаш објави дека е „згрозен“ од јавното изложување на неговата ќерка Јана Димитрова, затоа што успеала да се запише на еден од најдобрите универзитети и повика ударите за неговиот политички ангажман да ги упатат кон него.
Имено, на 4 август 2017 година, само два дена пред распишувањето на локалните избори кога настапува и забраната за исплата на буџетски средства според член 8-а од Изборниот законик, тогашната министерка за образование Рената Дескоска, формирала комисија за доделување на стипендии за додипломски студии во странство. Веднаш, истиот ден комисијата се состанала и итно одлучила по барањето на Јана Димитрова да ѝ биде доделена државна стипендија за студии во Холандија, на Универзитетот во Утрехт.
Освен школарина за Универзитетот во Утрехт, стипендијата на Јана Димитрова покрива и авионски билети до Холандија и од Холандија кон Македонија, на почетокот и на крајот на секоја студиска година. Стипендијата исто така го покрива и сместувањето за Димитрова, која веќе има сопствен дом во Холандија, каде што живее нејзиното семејство.
Ја имав среќата ( а и вложив многу труд) да бидам примен на Универзитетот Утрехт во Холандија, кој е најдобриот универзитет во Холандија, а според Шангајската листа e 51-ви во светот. Поради тоа што школарината изнесува огромен износ на пари, износ кој јас и моето семејство не можеме да си го дозволиме, решив да аплицирам на државната стипендија која е понудена од Министерството за образование и наука. Имено, се работи за конкурс за доделување стипендии за академски студии од втор циклус во странство за академската 2019/2020 година.
Целта на оваа стипендија е државата да ми ја покрие и школарината како и да ми овозможи средства за егзистенција, а во спротивно јас по завршување на моите студии да треба да се вратам и да работам во некои од државните органи. И, немам проблем со тоа – државата мене ми дава услуга, јас и враќам услуга – придонесувам со своето знаење стекнато на овој универзитет.
МЕЃУТОА, денес добив одговор дека комисијата донела НЕГАТИВНА одлука за мојата апликација и покрај тоа што ги исполнувам сите услови. Значи, просек над 8,5; да бидам примен на универзитет кој е во први 100 во светот а на смер меѓународно јавно право, да имам доказ за активно познавање на англиски (ТОЕФЛ сертификат), да не сум корисник на други стипендии и да сум државјанин на оваа држава.
Одговорот кој што го добив е дека комисијата одлучила негативно (и покрај тоа што ги исполнувам сите услови?!) поради тоа што имам освоено 180 кредити на моите тригодишни студии а мастерот за кој аплицирам е едногодишен со 60 кредити, па оттука ќе имало проблем со нострифицирање на мојата диплома и звање. За последниот проблем поднесов документ во кој факултетот на кој што студирам (Правен Факултет Јустинијан Први) потврдува дека јас сум запишан на 1 година мастер студии на тој факултет и дека со завршување на моите предвидени предмети, најдоцна до јунска сесија – ќе ги освојам сите кредити. Меѓутоа за комисијата, која што очигледно своеволно си го толкува конкурсот и условите, ова не е доволно!!!
Преку глава ми е од се и ми се повраќа од глупава држава, без разлика кој е на власт. Се додека убивате млади амбициозни студенти кои сакаат да го зголемат своето знаење на престижни факултети, а ми трошите пари и си ги пикате преку врски сопствените деца, никогаш нема да излеземе од оваа никаква состојба во која се наоѓа државата.
И, секако ќе ги употребам сите правни лекови кои ми се на располагање против одлуката на оваа нестручна и очигледно правно-необразована комисија.
ЗАСРАМЕТЕ СЕ!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.