Претседателот Стево Пендаровски, на најуспешните студенти кои дипломирале на факултетите што негуваат инженерски дисциплини им го врачи признанието „Инженерски прстен“.
Во своето обраќање, претседателот Пендаровски истакна дека доделувањето на признанието „Инженерски прстен“ претставува раритетна и особено значајна манифестација која годинава се одвива по 18-ти пат, што укажува на еден континуитет и изградена традиција.
„ Верувам дека инженерскиот прстен веќе прерасна во успешен и оригинален проект кој ја остварува првичната цел – афирмирање на инженерските професии и нивното значење за општеството“, рече претседателот Пендаровски.
Претседателот Пендаровски нагласи дека пандемијата на Ковид 19 ни покажа дека и покрај сиот техничко-технолошки развој што го доживеавме како цивилизација, се уште сме ранливи, имаме слаби страни и болни точки.
„ Јасно е дека треба нашите приоритети уште повеќе да ги насочиме кон образованието и науката. Комоцијата на потрошувачките општества ја потисна жедта за учење и знаење и ги релативизираше солидарноста, етичноста и постојниот систем на вредности. Како идни инженери вие треба да бидете фактори на промените и напредокот. Се надевам дека ќе имате можност да создавате како идни архитекти, машинци, информатичари, технолози, електротехничари, градежни, земјоделски и шумарски инженери при што секогаш пред себе треба да ја имате мислата дека наша заедничка цел е да изградиме поправеден, похуман и поубав свет“, порача претседателот Пендаровски.
Признанието „Инженерски прстен“ го доделуваат Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери, под покровителство на Претседателот на Република Македонија, чија цел е да се поттикне изучувањето на инженерството со што ќе се придонесе кон создавање на квалитетен инженерски подмладок.
Овогодинешни добитници на признанието се 12 дипломирани инженери: Марија Петрова од Архитектонски факултет – Скопје; Дејан Геговски од Градежен факултет, Скопје; Маја Шаревска од Машински факултет, Скопје; Моника Фиданчевска од Технолошко-металуршки факултет, Скопје; Методија Буцевски од Факултет за електротехника и информациски технологии, Скопје; Анита Близнаковска од Факултет за земјоделски науки и храна, Скопје; Јована Добрева од Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство, Скопје; Елена Соколевска од Факултет за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“, Скопје; Ана-Марија Стаменкоска од Факултет за дизајн и технологии на мебел и ентериер, Скопје; Елена Стефова од Природно математички факултет, Скопје; Марија Грујоска од Факултет за природни и технички науки, Штип и Марија Наумоска Андреска од Технички факултет, Битола.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.