Факултетот за информатички и комуникациски технологии (ФИКТ) при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола годинава доизгради еден кат од новата зграда и од оваа школска година наставата започна во новите простории. Исто така, опремени се три компјутерски училници, една предавална, еден амфитеатар како и кабинети за наставниот кадар.

Годината што изминува, на ФИКТ ја одбележи и реализацијата на проектот Креирање можности за вработување на младите дипломирани кадри во рамки на прекуграничниот проект „Вработи млади“, финансиран од Европската унија ИПА програма за прекугранична соработка со Грција и националните фондови на земјите учеснички.

Општа цел на проектот е зајакнување на регионалната кохезија и подобрување на конкурентноста на двете економии преку зголемување на конкурентноста, продуктивноста и иновативноста на дипломираните кадри што ќе резултира во зголемување на степенот на вработеност во пограничниот регион. Специфична цел е креирање на можности за вработување на дипломираните преку искористување на компаративните предности на прекуграничната област, со користење наиновативни алатки и практики.

Во рамките на проектот ФИКТ во соработка со Фондацијата „Преда+“ од Прилеп мотивираа повеќе од 60 млади невработени кадри и студенти на ФИКТ да се вклучат во акцелераторска програма во која добија стручна помош прво во развој на бизнис идеја, а потоа преточување на бизнис идејата во бизнис план. Во април 2019 на крајот од првата фаза од проектот „Вработи млади“ наречена Генерирање на иновативни идеи, на т.н. демо ден се презентираа 23 иновативни идеи. Овие идеи во втората фаза од проектот „Вработи млади“, наречена Пре-инкубација на иновативни идеи, десет тима своите идеи ги преточија во бизнис планови кои ги презентираа во октомври оваа година на настан за вмрежување кој се одржа на ФИКТ.

Моментално тим на експерти од ФИКТ ги подготвува селектираните тимови кои подготвија бизнис планови за нивна презентација на настан во Грција пред потенцијални инвеститори, таканаречени venture капиталисти, кои доколку видат потенцијал во бизнис плановите можеби ќе одлучат да инвестираат во реализацијата на истите.

Исто така наредната година, оваа група на најмотивирани и најупорни учесници во проектот „Вработи млади“ ќе замине и на студиско патување во четири земји од ЕУ и регионот, на кое патување ќе посети бизнис акцелератори и ќе се обиде да оствари соработка со европските акцелератори во реализацијата на своите идеи.
Според раководителот на проектот „Вработи млади“ и проректор за наука на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, проф. д-р Игор Неделковски за неговото видување на придобивките од проектот „Вработи млади“ e изграбата на поткровјето на ФИКТ во кое ќе биде сместен ИТ Хаб/ Акцелератор – БИТХАБ. Тој објаснува дека БИТХАБ-от ќе се простира на површина од околу 800 м2 и ќе биде еден од најголемите ИТ хабови и акцелератори во регионот. Ќе има двојна функција, да ги поддржува младите (особено студените на ФИКТ) во реализацијата на нивните иновативни бизнис идеи и да ја стимулира соработката на студентите на ФИКТ со ИТ индустријата. Се работи win-win-win ситуација во кој добитници се студентите на ФИКТ, ИТ индустријата од регионот и наставниот кадар на ФИКТ.

ИТ индустријата ќе добие простор каде ќе биде во директен контакт со студените уште во текот на нивното студирање и можност да ги ангажира на конкретни проекти и на тој начин обезбеди квалитетен ИТ кадар. Студентите на ФИКТ ќе добијат можност за практична работа во текот на студирањето, на реални проекти и на тој начин го надминат она што вообичаено се потенцира како недостаток на системот за високото образование, недоволните практични знаења и вештини на студентите.

Секако и самиот ФИКТ кој не само што ќе обезбеди подобри услови за студирање, туку преку соработка на наставниците и студентите со претприемачки амбиции ќе овозможи создавање на таканаречен универзитетски spin-off претпријатија односно преточување на научните и стручните истражувања во нови бизниси, вели Неделковски.

Тој објаснува дека проектот „Вработи млади“ и изградбата на БИТХАБ – ИТ хаб и акцелератор во рамките на Факултетот за информатички и комуникациски технологии при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола ќе ја зацврсти оваа институција како една од водечките која обезбедува квалитетно високо образование и научни истражувања во областа на Информатичките и комуникациските технологии.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.