Министерството за образование и наука (МОН) ќе им обезбеди бесплатен пристап на интернет на децата од социјално загрозените семејства за да ја следат наставата од дома, а не планира да им обезбеди ИТ-уред од својот буџет (лаптоп, таблет и слично), затоа што сметаат дека речиси сите семејства имаат паметни мобилни телефони или други уреди. Министерот за образование Арбер Адеми изјави дека оние што немаат ИТ-уреди можат да купат половни по скромна цена, а бараат и донации од компаниите.

Ние се определивме да обезбедиме интернет за сите деца и затоа пративме допис до сите училишта да нė информираат кои деца немаат пристап до интернет. Можеби имало недоразбирање, барале податоци за доделување и распределување на ИТ-уреди, но најбитно е сега секој да има интернет. Со колегата-министер, задолжен за информатичко општество, Дамјан Манчевски, ќе доделуваме ваучери за пристап до интернет бесплатно за сите деца кои потекнуваат од семејства кои немаат никакви приходи. ИТ-уред, може генерално да кажам, дека најголем дел од децата или родителите на децата имаат, бидејќи, ако се сеќавате, во нормални околности имаше апели до нас да се забрани употребата на смарт-телефони за време на часовите. Најголем број на учениците или родителите на учениците имаат ИТ-уред, но најискрено може да ви кажам дека и со една скромна цена на пазарот може да се обезбеди употребуван ИТ-уред или најмалку паметен телефон. Така што не гледаме дека имаме проблем, иако веќе сме во комуникација со потенцијални донатори од бизнис-заедницата кои сакаат да помогнат во овој дел на најзагрозените семејства кои се под социјален ризик без никакви примања – рече министерот Адеми во интервју за Радио Слободна Европа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.