Mарија Арсоска е дипломиран професор по германски јазик и книжевност, магистар на катедрата за менаџмент по човечки ресурси чија идеја „Skopje goes Zero Waste“, за социјален бизнис, продавница за продажба на продукти од мали домашни производители, без или со реупотребливо пакување, во рамки на која ќе бидат ангажирани пензионери или лица кои се технолошки вишок, се најде меѓу победничките идеи од првата генерација на програмата „RISE“ за социјални претприемачи која се одржа деновиве во организација на здружението за социјални иновации „АРНО“.
Арсоска, за „Арт Кујна“ вели дека долго време се интересирала за прашања со загадувањето и трошењето на Земјините ресурси.
Таа истакнува дека сметала оти рециклирањето е решение на практично сите проблеми што ги создава загадувањето, но нејзиниот видокруг се проширил откако поча периодот на карантини поради пандемијата.
Почнав да забележувам колкаво количество на отпад произведуваме само јас и мојот партнер. Ме заинтересира и содржината на отпадот која ја правиме. Исто така почнав да се прашувам, зошто при секое купување на шампон за коса, гел за туширање, детергент за машина за перење, мора да ја купиме и пластиката во која истите доаѓаат. Си мислев дека би било совршено да имаме место во кое ќе можеме да ги користиме старите пакувања и да го купиме само продуктот.
Станувајќи свесна за ова, почнав да истражувам за алтернативи во светот кои помагаат за намалување на количината на отпад. Така наидов на многу продавници со нула отпад, но и на „мајката“ на движењето за нула отпад (zero waste ), Беа Џонсон. Бев импресионирана. Не можев да верувам дека Беа и нејзиното семејство го имаат доведено своето секојдневно функционирање до совршенство и дека отпадот кој го продуцираат од една цела година, може да го собере во обична тегла. Почнав да го мерам нашиот отпад. Знаев дека е многу, но дека двајца луѓе за 10 дена произведуваат 10 пластични ќеси, не бев свесна. Тоа е навистина, премногу – вели Mарија .
Арсоска вели дека концептот на нула отпад не е само концепт на продавање на продукти на мерење, односно без амбалажа. Тоа е цела филозофија која се живее секој ден и која е целосна спротивност на моменталните конзумеристички струи.
На прашањето дали знае дека порано нашите родители, баби и дедоци пазареле во платнени торби, дека кисело млеко се продавало на мерење, во домашни садови и дека, воопшто, во минатото, 50-тите, 60-тите, па и 70-тите години од 20 век, веќе сме го имале она што денеска сакаме да го направиме како прв чекор од приказната за нула отпад, таа вели:
Токму така, се сеќавам дека пакувањето од паштета се користеше како држач за сунѓер за чинии и дека тетрапак пакувањето беше кујнска корпа за отпад. Всушност, тоа е убавината на ова движење, што нè враќа назад на вредностите и убавините во кои живееле нашите предци. Токму затоа сакаме да соработуваме со постари лица затоа што силно веруваме дека нивните способности ни се особено важни за пренесување на идните генерации. Мал дел од моите врсници можат да се пофалат дека знаат да си зашијат чорапи, да си сплетат капи, да поправат нешто во домот. Овие способности би сакала да ги пренесуваме на идните генерации. Со тоа ќе го цениме трудот и знаењето на постарите, а во исто време ќе го зајакнеме опсегот на нашето делување.
Живееме во време во кое сè што ќе посакаме ни е на дофат, живееме во изобилие. Но ресурсите на земјината површина се трошат секој ден и не се бесконечни. Ќе дојдеме во период кога ова изобилие нема да ни е повеќе достапно. Ќе мора да научиме да живееме со помалку. Таквите општества се нарекуваат „отпорни заедници“. И тоа се тие заедници кои ќе можат да опстојуваат понатаму. Точно е дека новите изуми ни го прават животот значително полесен, особено пластиката и сите нејзини видови. Кога пластиката била откриена, на луѓето толку им се олеснил секојдневниот живот што не било нималку важно како таа ќе влијае врз околината. Денес, кога сите информации се на само еден клик од нас, веќе стануваме сè посвесни за тоа како нашиот отпечаток влијае врз климатските промени и загадувањето. Денес веќе треба да нè засега дали пластиката која ја користиме е штетна за нашата околина или не – вели Арсоска.
Целото интервју со Марија Арсоска на „Арт Кујна“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.