Во понеделникот на 10 февруари беше објавен новиот Конкурс за доделување стипендии за студии од прв, втор и трет циклус на првите сто рангирани универзитети според последната објавена листа на Центарот за универзитети од светска класа при Шангајскиот Џио Тонг универзитет за академската 2020/2021.

Студентот Живе Ристовски, кому пред околу една година му беше дадена опцијата да студира во странство, на додипломски студии во Холандија, ги раскажува сите парадокси и мачни чекори низ кои треба да помине еден македонски студент за да добие стипендија од Министерството за образование и наука.

Неговата молба и повик за промена во нашата администрација и бирократија ви ја пренесуваме во целост:

Бев прифатен на универзитет во првите 100 универзитети според Шангајската листа. Единствен проблем за да почнам со моите студии ми беа финансиите. Поради тоа што нашата држава не е дел од Европската Унија, учениците од нашата земја треба да плаќаат 9000 евра годишно за да студираат во Холандија (наспроти 2400 доколку бевме членка на ЕУ). Ги разгледував опциите и како што заминуваше времето забележав дека ми останува само една опција – стипендијата која ја нуди Министерството за образование. Останатите стипендии беа „одземени“ од мене поради различни причини надвор од моја контрола (нашата држава не е членка на ЕУ, дипломите ги добиваме премногу доцна итн.). После долго и внимателно истражување решив да аплицирам на конкурсот понуден од страна на министерството за образование и наука. Тука почна мојата „авантура“ со нашата администрација и бирократија. После моето искуство можам само да кажам дека живееме во мизерија.

 

Роковите за аплицирање на овој конкурс завршуваат на крајот на септември секоја година. Учебната година за универзитетите во Холандија започнува на први септември. За да се завршат сите процедури на време, школарината треба да биде платена до крајот на јули. Откако им ја објаснив ситуацијата на надлежните од мојот факултет, прифатија да ми дадат време до септември за да се плати школарината. Чекав до крајот на септември за да ги објават резултатите од Министерството, а кога пробував да ги контактирам немав среќа некој да ми врати на моите повици, па ниту ни на моите меилови. Откако ми ја потврдија стипендијата, требаше повторно чекање од дополнителни 20-тина дена за министерот да стави потпис и печат на стипендијата. Септември замина, а јас сè уште ги немав покриено моите трошоци за школарина. Добивав притисок од Универзитетот да се плати што е можно побрзо, а пропуштав и многу предавања. На средината на октомври, конечно се потврди стипендијата и официјално го имав потпишано договорот подкрепен со меница. Школарината не ми беше платена до ноември. Според програмата на универзитетот, пропуштив 3 испити и цел блок од часови ( 2 месеци ). Ова значеше дека во наредниот период треба да полагам двојно повеќе испити од моите соученици,и тоа не поради моја грешка. Не заборавајте дека во цел овој процес Министерството за образование и наука беше недостапно за мене преку телефон, меил или било каква форма на контакт.

 

Како шлаг над тортата е фактот дека доколку не успеам да ги положам испитите и треба да повторувам година, не ги исполнувам условите за стипендијата, што значи дека треба да платам 10 пати повеќе од сумата која ја има покриено министерството до тој датум ( во мојот случај 15 000 евра * 10 = 150 000 евра) во рок од 1 месец!

 

Се запознав и со многу студенти кои исто така ја земаат истава стипендија и не можев а да не забелажам дека никој не е задоволен од тоа како функционира целиот конкурс. Незадоволството се шири и кај матурантите и сите што сакаат да почнат со студии во Холандија.

 

Во име на сите студенти што веќе се во Холандија под стипендијата на Министерството и оние кои сакаат да аплицираат апелирам да има промена!



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.