Единствена, но еднаква меѓу колегите во текот на цела година и рамноправно ги извршува сите активности во Единицата за недозволена трговија со дроги во МВР. Во целиот свој досегашен ангажман од над 20 години во полицијата, во ниту една ситуација не била издвоена од колегите затоа што е жена. Но, колегите секој 8 март, сепак, се потсетуваат дека е Ден на жената и ја испочитуваат, иако таа за себе вели дека денот не го празнува, но го одбележува.

Не го празнувам, но го одбележувам. Сметам дека доколку тој се одбележува само како еден и единствен ден во годината за внимание кон жената во која било нејзина улога тогаш сум против празнување на овој ден. Но, треба да се одбележи како празник што ќе ги замисли и ќе ги поттикне сите слободољубиви, паметни и прогресивни мажи и жени дека патријархалната, како и стереотипната улога на жената, треба да остане во минатото, вели Соња Паневска.

Додава дека колегите секогаш и го честитаат Денот на жената, кој, како што појаснува, повеќе претставува причина за неформален кафе-муабет, надвор од секојдневните задачи што се понекогаш и неретко исклучително опасни и стресни.

Според неа среќа е да работи со колеги кои ја почитуваат и го ценат сето она што го работи.

Природата и карактерот на нашата работа е таква што ние зависиме еден од друг, секојденвно си го штитиме грбот еден на друг и во такви околности никој не размислува дали си маж или жена, туку единствено успешно и квалитетно да ја извршиме задачата, истакнува таа.

Додава дека колегите ја сметаат за еднаква со нив и никогаш никој од нив не сметал дека како жена има помали квалификации.

Напротив доколку моите претпоставени или моите колеги ме сметале дека сум различна од нив никогаш немаше да го постигнам тоа што го постигнав во мојата кариера и немаше да бидам тоа што сум сега и немаше да имам можност да го работам тоа што го работам. Ние сме тим и секое спротивно гледање дека постои разлика помеѓу нас, секогаш би недостасувала една алка во синџирот што е многу важна за успешно извршување на работните задачи, истакнува во разговорот Паневска.

Во полицијата е од 1997 година, откако го завршува средното полициско училиште, со голема желба влегла и со ист жар ја работи својата работа до денес. Се потсетува на секакви акции и активности, но интересно вели е една врзана за 8 март.

Некаде 2002/2003 година токму на Денот на жената едно момче ми имаше приредено пријатно изненадување во една кафеана во Скопје. Се беше организирано, но јас имав премногу активности на работа, а истата вечер беше планирана и активност на терен, па ми беше премногу тешко што вечерта нема да бидам со моите колеги. Не мислев многу на изненадувањето, мислев на работата. Но, сепак, дојдов на вечерата бидејќи беше фер да го почитувам тоа што момчето го направи. Па нели беше 8 март. И нормално шминка, високи потпетици, свечена гардероба и почна вечерата… Беше пресреќен што конечно не сум на работа, но жал ми е што сето тоа траеше многу кратко. Ми зазвони телефонот и мојот претпоставен рече: „Што правиш?“, на што јас одговорив дека е 8 март и го присетив дека сум на вечера. Тој ми појасни дека се подготвуваат да излезат на терен и дека ќе вршат претрес на една локација каде се очекува отпор од лицето кое треба да биде лишено од слобода. Ми кажа дека всушност се јавил само да ми посака пријатна вечера. Во тој момент мојата вечера заврши. Излегов од кафеаната го отворив багажот од возилото и за помалку од две минути се преоблеков во патики, фармерки, дуксер, го зедов оружјето со кое сум задолжена, се ослободив од шминката, се поздравив со момчето и заминав таму каде всушност бев цело време со мислите – на работа. Впрочем тоа сум јас, се потсетува Паневска.

Желбата да биде полицаец, односно полицајка ја имала од мала.

Сонував, вели, да бидам полицаец и секогаш кога ќе ме прашаа што сакаш да биде кога ќе пораснеш велев категорично полицаец. Играв со пиштоли и шмајзери, а орманите во домот, дворот мој и на соседите ми беа т.н. локации за тактички вежби. Како предодредена за оваа професија и едвај чекав да пораснам и да бидам дел од тоа каде што сум сега, посочува таа.

Кога решила да се запише во Средното полициско училиште ја советувале дека добро е да учи за доктор, медицинска сестра, економско, трговско…, дека ќе и биде тешко да биде одвоена од својот брат близнак. Но сето тоа, како што раскажува, едноставно не можело да се впие во нејзината глава и родителите сепак го препознале жарот во очите и го прифатиле нејзиниот избор. Изборот, сепак, не можел веднаш да се реализира. Во моментот на запишување во средно училиште се уште не можеле да се запишат девојчиња во полициското училиште, па била присилена да се запише во Средното фискултурно училиште во Скопје. Годината и поминала во очекување на објавата на огласот со кој требало да биде распишан првата генерација девојки во Средното полициско училиште.

Во 1992 година беше објавен огласот, се пријавив убедена дека од премногу девојчиња кои беа пријавени јас секако ќе бидат примена не размислувајќи воопшто на можноста да не бидат примена. Ги поминав сите тестови, физички вештини, лекарските прегледи и дојде момент на одлучување. Дали ќе ми се оствари сонот. Се сеќавам ноќи не преспани, чекав, чекав и еден ден дојде поштарот со пликот во раката во кој заедно со родителите и браќата прочитав дека треба да се пријавам во Средното полициско училиште. Во тој момент најмногу на светот го сакав „чичкото поштар“ кој го прегрнав од среќа, се потсетува на почетокот на нејзиното влегување во полициските води.

Била прва на листата на примени и на 1 септември 1993 година кога го почнува своето образование, од почеток од прва година, бидејќи морала да ја поништи веќе поминатата година во Срединото фискултурно училиште.

Почнува да работи во 1997 година како полицаец во ПС Кисела Вода. Завршува VII-ми степен Факултет за безбедност и детективи во Скопје и добива унапредување во службата по што завршува и вишо образование на Факултетот за физичка култура во Скопје како Виш спортски тренер по бокс.

Повторно да треба да избирам професија би избрала да бидам полицаец, вели таа, наведувајќи дека имала многу мотиви да влезе во оваа професија.

Првенствено ми е да се грижам за животот, личната сигурност и имотот на граѓаните, да спречувам вршење кривични дела, да работам на откривање и фаќање сторители на тие дела и слично. Бидејќи веќе работам 18 години на откривање кривични дела и фаќање на нивните сторители од областа на недозволената трговија со дроги која, работа е мојата најголема љубов, мојот став е дека со секој еден грам наркотична дрога што ќе биде запленет спречуваме тој грам дрога да биде во рацете на едно дете, млад живот со кое тоа се убива. Нема поголем мотив од тоа да спасувате човечки живот, а ние со секоја заплена го правиме токму тоа, вели таа за својот ангажман во полицијата

Не и е тешко да ја работи работата. Не и е тешко да се справува со која било задача.

Поминав многу. Секој нов ден е поинаков од претходниот. Секоја нова задача е поинаква од претходната, секоја нова акција е поинаква и сето тоа ми била и се уште ми е голем предизвик. Не правам разлика меѓу тешка и лесна задача… Постои само задача што треба да се изврши се додека не се постигне целта и доколку постои добро менџирање на активностите, добра организација и координација, како и со ресурсите со кои се располага, успехот е неизбежен, вели Паневска, која додава дека имала крајно опасни ситуации во кои и бил загрозен и нејзиниот, но и животот на нејзините колеги, особено акцентирајќи го периодот кога извршувала работни задача во Единицата за специјални задачи како заменик-командир на чета и била прва жена старешина во специјална единица на Балканот.

Многу често беше пружан вооружен отпор од страна на сторители на тешки кривични дела кои требаше да се лишат од слобода и кои беа лишени од слобода и морам да кажам дека секоја ситуација во извршување на таква задача е опасна сама по себе, вели за својата професија таа.

Смета дека секој  може да се носи со секоја професија и функција доколку кај неа најмногу постои љубов кон истата и задоволството во тоа што го работи.

Не прифаќам и категорично потврдувам дека не постои машка и женска функција и тоа го кажувам од сопственото искуство. Од страна гледајќи, тоа што јас 22,5 години во ефективниот стаж го работам и постигнатото во мојата кариера досега изгледа невозможна мисија како за жена која била на сите функции, но ве уверувам дека тоа не е така, напротив секоја жена може да се носи со секоја професија и функција доколку кај неа најмногу постои љубов кон истата, задоволство во тоа што го работи и доколку ги поседува потребните квалификации, искуство, знаење и способности не постои ниту една пречка жена да раководи со одредена организациска единица, истакнува Соња.

Ги мотивира сите жени што ја одбрале да ја работат оваа професија и оние кои имаат љубов и желба да ја работат дека се се може кога се сака.


Извор МИА



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.