Секој петти работник во државава бил жртва на мобинг на работното место, покажува најновото истражување на јавното мислење што за емисијата „Детектор“ го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.
Според истражувањето, 21,5 проценти од анкетираните велат дека или тие, или некој нивни близок бил жртва на мобинг од страна на претпоставениот на работно место, додека 71,8 проценти немале ваков проблем. Генерално, граѓаните сметаат дека условите на нивното работно место се безбедни за нивното здравје и живот. Ваков став делат 44,3 проценти од анкетираните. Небезбедно на работното место се чувствуваат само 10 проценти од граѓаните. Девестнаесет проценти одговориле дека не се вработени а 20,1 процент дека се во пензија.
Според граѓаните, најризична професија имаат рударите. Така мислат 33 проценти од анкетираните, 20,6 проценти се определиле за работниците во градежништвото кои според нив имаат најризична работа,18,6 процентисметаат дека најризично по здравјето и животот на работниците е во хемиската индустрија, а 15,4 проценти во метало-преработувачката индустрија.
Четирисет и четири проценти од анкетираните велат дека познаваат некој кој се разболел или повредил на работното место, додека 47,6 проценти го тврдат спротивното. Само 22,4 проценти од граѓаните сметаат дека оние кои ќе се повредат на работното место добиваат и соодветно обесштетување, додека 49 проценти од анкетираните се на ставот дека лицата кои се повредуваат на работните места не добиваат соодветна оштета.
Близу половина од граѓаните се на став дека фирмите кои не ги исполнуваат условите за заштита при работа не добиваат соодветна санкција. Вакво мислење имаат 47,1 проценти од анкетираните, додека 25,8 проценти мислат дека казнувањето е соодветно. Одговор на ова прашање немаат 27,1 процент.
Во анкетата 58,5 проценти рекле дека не знаат каде може да се обратат доколку бидат повредени нивните права за заштита при работа, додека 27,8 проценти велат дека знаат што треба да направат во таква ситуација. Десет проценти од нив велат дека во таков случај би се обратиле до Министерството за труд и социјала, 4,7 проценти во трудова инспекција, 2,2 проценти би го известиле синдикатот, 11,4 проценти министерството за здравство. Сепак, дури 52,7 проценти од граѓаните велат дека синдикатите не ги бранат правата на работниците за заштита при работа, додека 32,8 проценти сметаат дека во таква ситуација синдикатот добро ја врши својата работа. Според истражувањето, за 64,5 проценти од ге многу значајно да се реши проблемот со стандардите за заштита при работа, додека само 3,5 проценти од анкетираните велат дека за нив, тоа воопшто не е значајно. Од анкетираните 43.9 проценти сметаат дека со влезот на Македонија во Европската Унија, полесно ќе се надмине проблемот со стандардите за заштита при работа, додека само 12,9 проценти сметаат дека тоа ќе оди потешко. За 26,7 проценти од анкетираните сметаат дека членството во ЕУ нема да направи некој разлика.
Истражувањето на јавното мислење по нарачка на Детектор телефонски го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје врз репрезентативен примерок од 1105 испитаници во периодот од 8 до 11 јануари годинава со маргина на грешка од плус-минус 3 проценти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.