Конкурс на МНР: Студен туш за најуспешните

Почитувана јавност,

Се чувствувам должен да го споделам моето горко искуство со државните институции во Македонија, посебно затоа што ова се случува во период кога владините претставници декларативно се борат против “одливот на мозоци”, односно се обидуваат да создадат слика дека се залагаат за привлекување и враќање назад на веќе заминатите високо образовани кадри. За таа цел, јас ќе пробам да ви доловам како ова нивно декларативно залагање изгледа во пракса.

Мојата сага започна во декември 2018 година, кога Министерството за Надворешни Работи распиша оглас за вработување на млади дипломати. Јавниот оглас беше распишан на 29ти декември и беше отворен за аплицирање до 17ти јануари, 2019 година. Самиот факт дека огласот беше објавен за време на новогодишните празници ми влеа сомнеж дека нешто не е како што треба. За време на овие дваесет дена потенцијалните апликанти беа должни да достават цела листа на документи во склоп на нивната апликација со цел успешно пријавување на конкурсот.

За среќа некако успеав да ги соберам потребните документи кои секој апликант треба задолжително да ги достави за неговата/нејзината апликација да биде успешно примена на вебсајтот на Агенцијата за администрација. Аплицирав во дадениот рок, по што добив потврдна порака на мојот профил од страна на Агенцијата за администрација дека мојата апликација е успешно примена и дека е во процес на разгледување.

После шест месеци чекање одговор, бев разочаран кога дознав дека мојата апликација е одбиена уште во првата фаза на конкурсот. Причините за одбивањето се во најмала рака смешни, што ме прави да верувам дека јас сум жртва на некакви зад кулисни игри со цел промоција на други кандидати поради тесно партиски интереси.

Според одговорот што го добив, јас сум морал да доставам и сертификат за познавање на англиски јазик како и документ што потврдува дека знам да ракувам со компјутер. Во тој момент видно се разочарав и веднаш се запрашав себе си: дали е можно македонската држава да покажува ваква негрижа и ноншалантност за своите чеда? Дали е можно една личност да е ценета и вреднувана во Канада, Германија и Англија а истовремено да не ја бива во нашата Македонија?

На човек што дипломирал и магистрирал со највисоки оценки на најдобрите универзитети во Канада и имал краток студиски престој на Кралскиот колеџ во Лондон да му се бара сертификат за познавање на англиски јазик и воедно тоа да биде причина за одбивање на неговата апликација е во најмала рака тенденциозно, а богами и разочарувачки.

Истото важи и за сертификатот за познавање на основни компјутерски вештини, небаре јас работев како млад амбасадор на Германската Служба за Академска Размена и како аналитичар на база за податоци при Меѓународната Организација за Миграција (ИОМ) во Берлин без да ги имам тие основни познавања за работење со компјутер!?

Впрочем, јас имам и одлично познавање на германски јазик и воедно сум учествувал на голем број меѓународни семинари и конференции како на пример Самитот за Економска Соработка на Азија-Пацификот во Пекинг, Светскиот Форум за Млади и Студенти во Сочи и Младинското Собрание на Обединети Нации во Њу Јорк каде што бев избран за млад претставник на оваа светска организација за цела југоисточна Европа. За разлика од други, јас секогаш успешно сум ја претставувал мојата земја и сум успеал да воспоставам контакти со влијателни личности од сферата на политиката, економијата и дипломатијата. За жал, ваквите успеси не се препознаваат во Македонија.

Во моментите кога го дознав одговорот од МНР се запрашав и за квалитетите на членовите на комисијата која одлучува за овој конкурс. Баш би сакал да видам што они постигнале во нивниот живот и дали воопшто придонеле на некој начин за подобрување на одреден аспект од животот на обичниот македонски граѓанин. Да го споредиме она што они го направиле за оваа држава и народ за време на целата нивна кариера со тоа што млади луѓе како мене на возраст од 26 години постигнале во последните неколку години. Па да видиме на кого всушност треба да му се заблагодариме и кој ќе треба да ја напушти својата функција.

Без надеж дека ова писмо ќе промени нешто во однос на резултатите од овој конкурс, но со верба дека вака ќе придонесам за подигнување на свеста на обичниот наш сограѓанин, ви посакувам да истраете во борбата за подобра држава бидејќи само со кревање на вашиот глас ќе успееме да го оствариме нашиот сон за развиена и европска Македонија.

Секое добро,

Филип Ивановски

Авторот е магистер по дипломатија при Универзитетот во Торонто. Дипломиран политиколог за меѓународни односи при Универзитетот во Британска Колумбија.

Извор МКД.мк



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.