Минатата недела сите хрватски медиуми го пренеле апелот на Полициската управа на приморско-горанска жупанија, која ги замолила граѓаните да им помогнат во идентификувањето на жената која повредена била пронајдена на подрачјето Крка.

Како што објасниле, жената има околу 60 години, средна телесна градба и висина од 165 центиметри, руса коса до рамена и сини очи и не се сеќава на својот идентитет. Кога била пронајдена, со себе немала пасош, документи, ниту мобилен телефон.

Ја спасил тим од 14 луѓе кои пешачеле речиси 3 километри преку острите карпи. Шокираната и расплакана жена тогаш им кажала дека нема поим како дошла до местото каде што се наоѓа. Била многу дехидрирана, слаба и со видливи повреди на лицето. Службениците истакнале дека одвај можела да се напие вода и дека била многу слаба.

Еден локален жител за хрватските медиуми изјавил дека е чудно што воопшто жената се нашла на тоа подрачје, како и дека многумина се чудат како преживеала неколку ноќи сама.

Тоа е прилично непристапен дел од заливот со ужасно остри камења – буквално ви го сечат ѓонот на чевлите. Нема ни животни, освен можеби диви свињи и мечки кои знаат да дојдат таму во потрага по храна, но тоа е реткост. Жена во тие години сигурно не можела да ја преплива таа далечина, за тоа е потребно многу сила, рекол тој.

Во меѓувреме се појавила информација дека жената совршено зборува англиски јазик, па целиот случај го привлекол вниманието на светските медиуми.

„The Sun” и “Daily Mail” така ја пренесуваат приказната за “Мистеријата со жената пронајдена на хрватскиот остров која совршено зборува англиски, но не се сеќава на своето име”. Пишуваат дека ја забележал некој рибар кој ја видел дека мавта, но бидејќи не можел да се приближи, повикал помош.

Како што пишува “CNN”, неколку луѓе се јавиле во полиција со информација, но идентитетот на жената и натаму е непознат. Таа моментално се наоѓа во болница и е во добра состојба.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.