Овогодишната „Матурска парада” двајца матуранти долго ќе ја паметат. Дали заради вистинско запросување, или пак заради успешна шега, најдобро знаат тие. Како и да е, за време на парадата матурант клекна на колена и ја побара девојката да му биде сопруга. Девојката кажа „да“. Таа им се извини јавно на родителите што ова го направиле многу порано од што тие очекувале.

Од училиштето велат дека сепак станува збор за шега.

Матурантите беа дел од околу илјада средношколци, кои традиционално по 13-ти пат, на плоштадот „Македонија“ го одиграа танцот Квадрил.

Точно напладне во истовреме со нивните врсници од над 60 градови од земјава и од Европа, новото поглавје во нивниот живот матурантите го почнаа со давање заклетва за ненасилство.

Скопскиот градоначалник на матурантите им посака успешно лето и успех во новите предизвици.

Освен во Скопје, матурската парада беше одржана и во Охрид, Струга, Гевгелија, Струмица и во Валандово.

Парадата на матурантите почна да се организира во 2001 година во Љубљана, а во Македонија првпат се одржа во 2007-та година во Скопје и во Охрид.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.