Домашни и странски туристи, но и локалните жители на плажата во Дупени имаат можност да ги откријат убавините на преспанскиот регион, културата, храната, традицијата на манифестацијата „Запознај ја Преспа“, што прв пат годинава се одржува во организација на општина Ресен, Рурални жени и Преспа Бајк.

Покрај можноста за дегустација на традиционална преспанска храна се презентираат и локални органски производи, како и производи од јаболко, кое е карактеристично за овој регион. Волонтерите од невладината Еко-герила со поддршка на Агенцијата за млади и спорт ќе го чистат преспанското крајбрежје во околината на Отешево. На плажата во Дупени ќе се одржи и турнир во одбојка, а настап ќе има културно-уметничкото друштво „Таше Милошевски“.

Во рамките на манифестацијата беше одржана панел-дискусијата на тема „Европски придобивки за регионот Преспа – искуства и можности”, на која учествуваа градоначалникот на општина Ресен, Живко Гошаревски, од Европската унија, младински организации и невладиниот сектор од трите погранични држави Македонија, Грција и Албанија.

Заеднички заклучок на сите беше дека Преспа е уникатен регион, а Преспанското Езеро е обединувачки фактор, кој поврзува три држави. Според нив, потребно е да се направи се да се вратат младите во Преспа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.