Со неверување ја примив веста дека денес не напушти уште една легенда, еден од основоположниците на Ромската политика и ромското движење во Македонија, човек кој лично го познавав и кој беше еден од најмоќните оратори и интелектуалец пар екселанс, мојот драг пријател д-р Бајрам Берат. Бев длабоко огорчен кога слушнав за смртта на д-р Берат и лично чувствувам потреба да упатам последен поздрав и да напишам некролог, проштален текст, пишува на Фејсбук, Ивица Апостолов.

Понатаму во неговиот статус стои:
Д-р Бајрам Берат е роден во 1957 година во Скопје. Основно, средно и високо образование завршува во родниот град,а како средношколец учествувал на локални и сојузни работни акции на територија на поранешна СФРЈ. На медицинскиот факултет дипломирал во 1982 година, а по дипломирањето се вработува во Воената болница во Скопје.
Како воен стипендист од ССНО заминува во Белград на Воено медицинската академија и ја завршува школата за резервни офицери на ЈНА. Во 1983 година се стекнува со офицерски чин и се упатува во Петтата воена област во Република Хрватска, каде е именуван за Началник на санитетската служба во бригадата, а нешто подоцна и за Управник на гарнизонската амбуланта.
Во 1985 година станува претседател на Нижо воената лекарска комисија. Во Воената болница во Загреб и на Воено медицинската академија во Белград завршува повеќе курсеви за здравствено згрижување во мирнодопски и воени услови по што во 1989 година започнува специјализација по епидемиологија во Воена болница во Љубљана.
Од 1997 до 1999 година е претседател на првата ромска политичка партија во Македонија (ПЦЕР). Бил член на Советот за меѓунационални односи во Собранието на Република Македонија. Од 1997 до 1999 година е Заменик командант на единицата за итни интервенции на Црвениот Крст во Општина Карпош.
Од 1999 до 2001 година е ангажиран во стручното оспособување на бегалците Роми од Косово при Работничкиот универзитет Кочо Рацин во Скопје, а од 2001 до 2002 година е советник на министерот за внатрешни работи на Република Македонија.
Од 2005 до 2006 година е советник за здравствени прашања во Интернационалната Организација за Миграции (ИОМ), по што од 2006 година е претседател на политичката Партија за Интеграција на Ромите-ПИР.
Бил член на Комисијата за меѓуетнички односи во два мандати на Град Скопје. Има учествувано на повеќе меѓународни конференции, семинари и обуки поврзани со човековите и малцинските права.
Од 2007 до 2010 година е виш полициски советник во Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, а во 2010 година е именуван за Заменик национален координатор за гранично управување при Владата на Република Македонија.
Поборник е за признавање и одбележување на 2-ри август како светски ден кога е извршен Холокаустот врз Ромите.
Д-р Бајрам Берат има објавено повеќе колумни и анализи за надминување на тешката социоекономска состојба на Ромите во Република Македонија.
Говореше ромски, македонски и српско-хрватски јазик, а се служеше и со француски, англиски, бугарски и албански јазик.
Покрај ова широко професионално портфолио, др.Берат ќе остане запаметен по неговите професионални, здравствени, епидемиолошки и научни пишувања за време на кризата со Ковид-19, а се до денот на неговото упокојување отворено ги критикуваше нелогичните и апсурдни мерки кои беа предлагани од Комисијата за заразни заболувања.
Последните негови напишани зборови беа: “ВО ДЕМОКРАТИЈАТА ТРЕБА ДА СЕ СОЧУВА ЗДРАВЈЕТО НА ДЕМОСОТ, А ДРЖАВА БЕЗ НАРОД НАЛИКУВА НА МУВА БЕЗ ГЛАВА, ЗАТОА НИЕ КАКО НАРОД ДА СЕ ЗАШТИТИМЕ ОД ЗДРАВСТВЕНИТЕ НЕЛОГИЧНОСТИ НА ВЛАСТА, ПА КОЈ ЌЕ ПРЕЖИВЕЕ ЗАВИСИ ОД НАС”, а тоа се зборови кои ќе останат длабоко врежани кај народот.
Изразувам искрено и длабоко сочувство до фамилијата на Др Б. Берат, а на тебе драг пријателе нека ти е лесен патот небески и почивај во мир…нека му е вечна слава на почитуваниот доктор Бајрам Берат!, пишува на Фејсбук, Апостолов.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.