По повод празникот на големиот Светител Климент Охридски, патронот на нашата Света Црква – Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, во Соборниот храм во Скопје, посветен нему, утревечер со почеток во 17:30 часот ќе се одржи свечена празнична богослужба, со благослов на Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, а ќе служи Неговото Преосвештенство, Епископот Антаниски г. Партениј, во сослужение со клирици од Скопската епархија и свештенислужители од Бигорскиот манастир.

На денот на самиот празничен ден, 8 декември, во 9.00 часот, со благослов на Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, Света Божествена Литургија ќе служи Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, во сослужение на архијереите: Митрополитот Тетовско-гостиварски, г. Јосиф и епископот Антаниски, г. Партениј, како и бројни свештенослужители на нашата Света Црква.

На самото празнување, за радост и благослов на верниот народ, за поклонение ќе бидат изнесени светите мошти на светителот Климент Охридски – наведуваат од МПЦ-ОА.

Воедно, од МПЦ-ОА апелираат до верниците да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот, односно задолжително носење на маски и држење социјална дистанца.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.