Италијанец изодел скоро 400 километри за „да си ја разбистри главата“ по расправија со неговата сопруга. Човекот бил запрен од полициска патрола рано наутро во понеделникот во близина на Фано, централна Италија.

Како што истакна полицискиот службеник Антонио Скванси, човекот  бил уморен и измрзнат, по повеќе од еднонеделното пешачење

„Пешакот“ ѝ рекол на полицијата дека се скарал со неговата сопруга и на 22 ноември го напуштил заедничкиот дом во покраината Комо во северна Италија. Тој прво со воз се упатил кон Милано, а потоа почнал да пешачи. Како што кажал, неговата цел била областа Апулија на југот на земјата.

Градот Фано се наоѓа на околу 380 километри од централната станица во Милано. Според „Гугл мапс“, за ова патување би биле потребни 79 часа непрекинато пешачење.

Полицијата го одвела мажот во хотел и ја повикале неговата сопруга, која го пријавила како исчезнато лице, да дојде и „да си го прибере“ дома.

Властите, исто така, ги негираа наводите во некои медиуми дека на човекот му била пишана казна за кршење на државниот полициски час од 22 часот до 5 часот наутро.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.