„СТИХУВАЛКИ 2019“ – фестивал на поезија за деца ќе се одржи по вторпат на 22 мај (среда) во 18.00 часот, во КИЦ-QIK во Скопје, по повод одбележувањето на 24 мај -Денот на македонските просветители светите браќа Кирил и Методиј.
На завршниот дел од литературната манифестација ќе се соопштат трите најдобри творби за деца од тројца автори на кои ќе им се врачат наградите (парични и плакети).
Проектот Стихувалки 2019 за прв пат се реализираше минатата година и доживеа голем успех. Оваа година на конкурсот кој беше објавен на 1 март 2019 и траеше до 21.3.2019 година се пријавија околу 150 апликанти, од кои жири комисијата избра 79 поетски творби од 79 автори кои беа објавени во книга, публикација – ЗБИРКА „СТИХУВАЛКИ 2019“. Од нив, тричлената жири комисија направи избор на три поетски творби кои ќе добијат награди.
Овој фестивал оваа година сам по себе стана МЕЃУНАРОДЕН. На конкурсот се пријавија автори од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска… кои испратија нивни творби на нивниот мајчин јазик, со превод на македонски.
На завршната манифестација на сите 79 застапени автори во ЗБИРКАТА со поетски творби за деца, ќе им биде врачено ПРИЗНАНИЕ за нивното учество на конкурсот и за афирмација на поезијата за деца, како и примерок од книгата.
На свечениот чин во Културно информативниот центар се очекува да присуствуваат сите застапени автори и секако бројна публика, а за фестивалот ќе говорат и претставници од жири комисијата во состав: проф. д-р Кристина Николовска, д-р Христо Петерески и Лила Арсова (минатогодишната добитничка на првата награда).
Фестивало ќе го водат Александра Велинова и Кристијан Јорданов.
Со музички точки ќе настапат учениците од Пијанофорте и д-р Тереза Крцовска, како и други гости.
Носител на проектот е издавачката куќа ЕДУКА МАК како единствена која се занимава исклучиво со издавање литература за деца, а автор и програмски уредник на проектот е м-р Ели Маказлиева.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.