Новогодишните празници се период на ангажмани за познатите музичари а цените пак занивниот настап се зголемуваат за неколку пати во име на забавата која организаторите сакаат да им ја понудат на граѓаните на организираните дочеци на плоштадите или во угостителските капацитети.

Балканските ѕвезди го користат овој период од годината за да направат сериозен профит и настапуваат за суми, од кои дел се навистина фантастични, барем за наши услови.

Во Хрватска Тони Цетински ќе добие 55.000 евра за настапот на Зимскиот фестивал во Дубровник, додека Нина Бадриќ, ќе инкасира нешто над 25.000. Хрватските медиуми јавуваат дека на популарниот „Страдун“, гостите ќе ги забавуваат Gipsy Kings за сума од околу 40.000 евра, Прљаво казалиште за 14.000 и Жељко Бебек за 8.500 евра.

Зад Дубровник не заостануваат ни туристичките центри Сплит и Пула кои се потрудиле новогодишната ноќ да ја направат атрактивна за своите гости. Во Сплит ќе настапат Јасмин Ставрос и групата Магазин, што градот ќе го чини нешто преку 60.000 евра, додека за настапите на Црвена Јабука, Night Express и DJ Plexy Пула ќе плати вкупно 27.000 евра.

Црна гора исто така редовно организира атрактивни настани за највеселата ноќ и деновите околу неа. За концертот на Жељко Јоксимовиќ во Тиват, градот ќе плати хонорар од 60.000 евра, додека следната вечер, на репризата на Нова година, за забавата на гостите ќе се погрижи Лепа Брена, што организаторите ќе ги чини дополнителни 40.000 евра. Туристичката организација на Бар објави дека подготвиле програма која ќе трае три дена со настапи на Сергеј Четковиќ, Плави оркестар и Ацо Пејовиќ. Се проценува дека само хонорарот на Пејовиќ е околу 15.000 евра, колку што за вакви настапи побарува и Четковиќ. Како и минатите години, Будва има атрактивна програма за дочек за кој се издвоени значителни средства. Вечерва ќе настапи Марија Шерифовиќ за околу 15.000 евра, како и Халид Бешлиќ чиј хонорар за вакви настапи изнесува околу 40.000 евра

Бурак Јетер и Дарен Емерсон за настапите на 30-ти декември ќе заработат 28.000 евра, додека хонорарот на Дино Мерлин за настап на новогодишната ноќ е околу 70.000 евра.

Во Белград своите сограѓани ќе ги забавува Бајага, но не е објавен неговиот хонорар.

Што се однесува за Република Македонија, град Скопје за празниците го понуди проектот Winterland, а за новогодишната ноќ посетителите ќе ги забавува хрватската рок група „Парни ваљак“. Пред нив ќе настапат неколку домашни пејачи, рок бенд од Косово, а по концертот на хрватската група, музика ќе пушта диџеј. За украсувањето на градот се потрошени 230.000 евра во кои е вклучен и огнометот, додека пак за Winterland се одвоени околу 90.000 евра.

 

извор: ОхридПрес

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.