Во градскиот парк во Стар Дојран е претставена урбана инсталација во форма на срце, изработена во знак на благодарност кон хуманоста на семејството на Емилија Динева, првиот донор на срце и органи во Македонија.

Идејата на оваа акција е уште еднаш да се оддаде почит на Емилија Динева и нејзиното семејство за овој несебичен и херојски чин и преку јазикот на уметноста да се поттикне органодарителството како врв на хуманост и можност за спасување на стотици животи. Скулптурата „Срце за вечноста„ на младиот академски скулптор Андреј Миневски е водена од идејата да се овековечи дарувањето на органи како еден од највисоките чинови на човековата хуманост и можност кога еден живот згаснува друг да се распламти односно како што најчесто и бива да започне одново. Токму затоа и тематиката на скулптурата но и нејзината визуелност ја третира и темата на бесконечноста и начините со кои човекот може да се поврзе со бесконечноста преку постојната размена на енергии и материи. На овој начин авторот го овековечува херојството на Динева односно нејзиното семејство отворајќи и го патот до бесконечноста и незаборавот, велат иницијаторите на акцијата.

Скулптурата е работена во техника која опфаќа спој на различни материјали како мермерно брашно, епоксид, метал изработени во стандарден скулпторски опус и доведени до совршенство од вештата рака на авторот.

Реализацијата на проектот е на Центарот за современи уметности – Скопје и Општина Дојран со финансиска поддршка од Фондацијата отворено општество – Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.