Голема Богородица е заштитничка на селото Гари и на 28 август се празнува како селска слава. Поради корона кризата втора година нема да татнат тапаните и да се слуша писокот на зурлите низ Стогово. Се почитуваат препораките и мерките за заштита од коронавирусот. Нема групирања, играње оро сред село и во црквата „Успение на Пресвета Богородица“, како во минатите години, во надеж дека веќе од година работите ќе се променат и овој за Гари најголем празник ќе се прослави најдостоинствено.

Повторно на влезат во селото, ден пред празникот, Мајовци ќе свират езгија, и ќе ја најават радоста за големиот празник – за Богородица. Специфично за оваа црква е што има коски од светец донесени од Ерусалим, кои им помогнале на многумина, барем така велат. Коските се премиваат со вода, а со таа вода болниот се мие.

Коските им помогнале на многумина – нероткињи да родат, неженети да се оженат, болни да се излечат, зависи на кого ќе му се фати. Јас можам да посведочам за една жена и еден маж на кои коските им помогнаа, па повторно се вратија и во црквата оставија големи пари. Жената беше од Гевгелија која ми кажа дека по ритуалот на миење на коските, останала бремена и потоа си роди рожба.

 

Машкото, пак, беше студент, и боже прости ми, беше забеган на нервна база. Се излечи, го заврши факултетот, а потоа разбрав и дека магистрирал. Неговите родители три години по ред доаѓаа во црквата да се заблагодарат и секој пат носеа дарови. Последниот пат оставија 500 евра на црквата – раскажува за весникот „ВЕЧЕР“ 78-годишниот Јордан Кузмановски кој веќе 16 години е постојан жител на Гари и е добар познавач на историјата на црквата.

Ако за галичани Петровден (12 јули) бил и останал најголем христијански празник кога се одржувале галичките свадби со масовно присуство на печалбарите, за гарчани, пак, Голема Богородица е пандан за Петровден. Во селото Гари, бисерот на мијачкиот крај опкружено со преубава природа, чист воздух и питоми луѓе, свадбарските свечености се одржувале на овој ден.

Младоженците пред олтарот во црквата „Успение на Пресвета Богородица“, која била преполна со сватови, пред свештениците и пред бога, си ветувале доживотна верност, почитување и среќен брак, кој ќе им биде исполнет со многу дечиња.

Црквата која е во форма на правоаголна базилика, се наоѓа сред село. Мештаните со сопствени раце и средства почнале да ја градат во 1670 година и истата била завршена дури 1866 година кога била комплетно фрескоживописана и осветена.

Гари е особено познато по богатиот иконостас и резбата во оваа главна селска црква кои биле изработени од тајфата на далеку познатиот мајстор и врвен копаничар Петре Филиповски – Гарката. Тој е од Гари, а познат е и по врвните иконостаси што ги изработил во манастирот Свети Јован Бигорски, црквата Свет Спас во Скопје, но и во многу други цркви и манастири на Балканот.

Фреските во црквата се наоѓаат насекаде и нема ниту едно празно место, па така дури и на горниот кат во црквата се наоѓаат раритетни и скапоцени фрески. Сите се од периодот од 1857 до 1866, а работени од Дичо Зограф со тајфата, неговиот син Аврам Дичов и ученикот Петар Јованович.

МАСОНСКО ИЛИ ГОСПОДОВО ОКО

Фрескоживописот бил обновен во текот на 1986 година. Се наоѓаат насекаде и нема ниедно празно место, а шеснаесеткракото сонце, во минативе години оспорувано од соседите, сега дел од „античката“ грчка историја од памтивек го краси олтарот во црквата, го има дури и на гробовите на селските гробишта и на некои од старите куќи.

На еден свој свод во црквата ја има фреската на Богородица со ангелски крилја, што е редок мотив во македонските цркви.

Горниот дел од црквата се вика женски дел, затоа што е насликан со повеќе жени-светици. Таму е насликана Богородица и околу неа се 12 светици – сестри заштитнички на мајката Божја. Во тој дел од црквата е насликан и новиот завет каде е и судот на правдата. Од стариот завет во црквата нема ништо насликано –  за „Вечер“ раскажува 78-годишниот Кузмановски.  

Раритетен мотив е и масонското око во триаголник, на куполата на црквата, што  ретко се наоѓа во македонските цркви. Посетители на црквата се прашуваат од каде масонското око, дали Гарката бил масон или, пак, имало повеќемина гарци слободни ѕидари.

Одговор немаат ни самите гарчани, па велат дека најверојатно е така.

Јас не се согласувам со тоа тврдење. Масоните биле богати луѓе и симболот со окото си го присвоиле како да е нивно. Окото е Господово. Триаголникот го карактеризира светото тројство (Господ Бог, Петар и Павле) – вели Кузмановски.

Окото се гледа на ачик и од која страна да погледнеш, тоа те гледа. Но, Кузмановски открива дека во црквата има насликано уште едно око, кое е затскриено и не може секој да го види.

ЧУДОТВОРНИТЕ КОСКИ

Специфично за оваа црква е што има коски од светец донесени од Ерусалим, кои им помогнале на многумина, барем така велат. Коските се премиваат со вода, а со таа вода болниот се мие. За здравје водата ја користат и здравите.

Од кој светец се коските никој не знае, но е потврдено дека чудотворните коски им помогнале на многумина.

За коските се прикажува една интересна легенда, запишана во книгата „Гари“ на Серафим Серафимовски, Иван Митревски и Јован Павловески, издадена во 1971 година. Запишано е дека ги донел Ило Костовски од Серес во 1880 година во својот дом мислејќи дека се на некој светец. Но, за чудо, во неговиот дом, оживува невидлив дух. Се прераскажува дека духот чудо правел по куќата. Дете во колевка го дигал до таван. Со клучеви и други предмети фрлал на постелите во куќата на Ило, ако се зборувало нешто за духот.

Исплашени од оваа појава биле присилени да ја запалат куќата со цел да го уништат духот. Изградиле нова куќа, но, духот повторно се појавил. Друг излез немале, па коските ги подариле на црквата „Успение на Пресвета Богородица“, и за чудо, духот го снемало. Коските постојат и ден-денес доаѓаат верници дури и од подалечни места да ги мијат за здравје на болните.

Коските им помогнале на многумина – нероткињи да родат, неженети да се оженат, болни да се излечат, зависи на кого ќе му се фати. Јас можам да посведочам за една жена и еден маж на кои коските им помогнаа, па повторно се вратија и во црквата оставија големи пари. Жената беше од Гевгелија која ми кажа дека по ритуалот на миење на коските, останала бремена и потоа си роди рожба.

 

Машкото, пак, беше студент и, Боже прости ми, беше забеган на нервна база. Се излечи, го заврши факултетот, а потоа разбрав и дека магистрирал. Неговите родители три години по ред доаѓаа во црквата да се заблагодарат и секојпат носеа дарови. Последниот пат оставија 500 евра на црквата вели Кузмановски

Црквата во Гари, како и во останатите мијачки села, е оградена со бедем. Овде доаѓаат луѓе од секаде. Ама сега црквата не е секој ден отворена. Се заклучува и нема кој да отвори. Во септември 2011 година во црквата била извршена тешка кражба, при што биле одземени два метални крста, седум „Ареолиот“ икони, пет сребрени икони од внатрешноста на олтарот и околу 4.000 денари.

Едниот крст беше позлатен и со него се одеше по куќи за Водици, а со другиот крст ги миевме коските. По кражбата беше поставен аларм во црквата, а вратата и прозорците се заштитени со метални решеткивели Кузмановски.

Во кругот на црквата сега се градат црковните конаци. Ги гради црквата со донации.

ГОЛЕМА БОГОРОДИЦА – ЗАШТИТНИЧКА НА СЕЛОТО

Голема Богородица е заштитничка на селото и на 28 август се празнува како селска слава. На тој ден, но и на Водици на 19 јануари кога без исклучок, традиционално, светиот крст се фрла во водите на Гарска Река и се бира новиот кум за Свети Јован. Гари свечено го одбележува и овој верски празник, зурли и тапани татнат во ова живописно село.

На Голема Богородица, свеченостите што ги изведуваат гарчани, им се приклучуваат голем број роднини и пријатели од соседните села: Осој, Лазарополе, Тресонче, Галичник и од мијачкото село Ехловец.

 

 

Повеќе на Вечер.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.