Актерите Весна Петрушевска и Игор Џамбазов во улога на водители на еколошкото шоу Агенда 21, ќе апелираат за грижата за животната средина.

Сигурна сум дека шоуто Агенда 21 ќе го задржи вниманието на гледачите, преку важни теми за животната средина. Интересен е фактот што направивме емисија која е налик на таканаречена “домашна седенка“ со поширокиот круг на семејството во која дискутираме, едуцираме, дебатираме и се забавуваме. Во светот но и дома сме сведоци на пожари, поплави и изумирање на безброј животински диви видови, така што во никој случај не треба да ги игнорираме овие предупредувања кои ги имаме, за да не биде предоцна за целото општество, вели Весна Петрушевска.

Агенда 21 ќе ги едуцира гледачите за моменталната состојба со животната средина во земјава, што всушност сите заедно можеме да направиме за да се грижиме за природата, бидејќи климатските промени се реалност и за тоа треба да се преземат сериозни чекори, како индивидуално така и од страна на институциите и компаниите.

Крајно време беше некој да се позанимава на оваа тема. Мојата убава татковина, извор на бесконечно прекрасни пејсажи доживеав младите да ја викаат Македонија-депонија што ми покажа дека нешто навистина сме згрешиле во нашето битисување, изјави Џамбазов.

Во агенда 21 освен познатите актери кои се и водители Петрушевска и Џамбазов, ги придружуваат нивни млади актери – колеги како Кристијан Ѓоргиев, Анастасија Митровска и Јована Миладинова, со кои е вистински предизвик да дебатираат и разменат мислења.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.