Тони Тодоровски е роден во Велес, а високо образование завршил на Природно-математичкиот факултет во Скопје, отсек хемија. Љубовта кон науката се родила благодарение на неговиот професор и ментор Методија Најдовски од Институтот по хемија, каде што почнал постдипломски студии. Се отворила можност да замине на мастер-студии на факултетот во Лајпциг. По завршувањето на овие студии Тодоровски со помош на стипендијата од ДAАД (German Academic echange office) продолжил на докторски студии на истиот универзитет. По завршувањето на докторатот ја прифатил понудата за истражување на ИРБ Институтот во Барселона, во кој работи шест години. Од 2019 година работи во одделот за експериментални и здравствени науки на Институтот ПРББ.

Тони Тодоровски за ММС објасни зошто Шпанија, поточно Каталонија и Барселона каде што работи и живее со своето семејсто, се повторно на удар од Делта сојот и што го прави толку специфичен за да ја напаѓа младата популација помеѓу 19 и 40 години.

Во моментов се регистрираат најголемите дневни бројки на новозаразени од почетокот на пандемијата па наваму во Барселона и Каталонија. Моментално Каталонија е главното жариште на овој петти бран на вирусот. Делта сојот зема голем замав и главно на удар е младата популација помеѓу 19 и 40 години (се уште невакцинирана е оваа старосна група оти во Шпанија вакцинацијата е според старосни групи) како и сите останати невакцинирани. Болниците повторно се полнат со претходно наведените пациенти, а во последната недела се забележува и пораст на пациентите во интензивна нега (засега главно со постари лица над 50-60 години кои не можеле/или не сакале да се вакцинираат). Се очекува во наредните недели да се знае повеќе дали младите хоспитализирани лица ќе успеаат да одолеат да не завршат на интензивна нега – објаснува научникот Тодоровски.

Тони Тодоровски е дел од заеднички проекти на Шпанија, Португалија и Германија наречен Noviruses2brain и NOZIKA (заеднички проект на Шпанија, Португалија и Бразил) кои се насочени кон наоѓање на антивирусни лекови, вклучувајќи го и Ковид-19. Тој ја води групата што работи на пронаоѓање соединенија за лекови против вируси кои навлегуваат во мозокот.

Групата со која што раководам јас е фокусирана на синтеза на конјугати на пептиди (пептид+лек) кои ќе можат да ја поминат успешно таканаречената крвно-мозочна бариера (blood-brain barrier – BBB) и на тој начин да го таргетираат соодветниот вирус во мозокот. Примарната цел на проектот беше овие конјугати да се користат за третирање на Зика вирус (и слични како него вируси) инфекции но после избувнувањето на пандемијата го вклучивме во репертоарот и САРС-КоВ-2. Со мали синтетски прилагодувања и адаптации создадовме нови конјугати, кои во моментов се испитуваат во Португалија и Германија колку се ефикасни во уништувањето на САРС-КоВ-2 и колку се ефикасни во поминувањето низ крвно-мозочната бариера. Тоа значи дека нашиот главен фокус е да во иднина имаме соединение кое би можело успешно да се користи во третирање на мозочни инфекции предизвикани од САРС-КоВ-2 – откри Тони Тодоровски.

Целиот текст овде.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.