На Велики четврток се одбележуваат настаните што се случиле пред да тргне Спасителот на доброволните страданија. Во овој ден си спомнуваме за: Тајната вечера и сè што се случувало тогаш:подготовката, миењето нозе на апостолите, поуката за смирението и братољубието, посочување на предавникот и излегувањето на Јуда од вечерата, востановување на Светата евхаристија, најава за Петровото одрекување, Прошталната беседа на Христа со 11 апостоли, завршувањето на Тајната вечера и излегувањето од Ерусалим кон Елеонската Гора – во Гетсиманската Градина.

Велики четврток е денот на Тајната вечера. Велики четврток е роденденот на Причеста На овој ден се повикуваат верниците на Причест, затоа што на Велики Четврток е востановена Светата причест, на Тајната вечера. Тоа е Празникот на Причеста. Тогаш, од рацете на Господа Исуса Христа, директно ја примиле Причеста светите апостоли и во тој спомен е овој ден на Причеста. И во пофалната песна за Богородица, која се пее на Литургијата (место Достојно…) се повикуваат верниците на Христовата вечера на бесмртната трпеза. А, место Херувимската песна, денес се пее за Тајната вечера, се изобличува Јуда, а се воспева благоразумниот разбојник.

Евангелските текстови ги опишуваат сите тие настани, а светите отци и учителите на Црквата ги разјаснуваат и ги толкуваат, низ своите поуки и текстови. Четивата од овие случувања се поразителни, трогателни и многу чувствени, а мислите се насочуваат кон Бога и Неговата преголема жртва за нас. Тоа е изразено и во богослужбените песни и во молитвите.

Ние сме внесени во тоа и созерцателно ги предаваме нашите мисли, чувства и волја на Бога. Да бидеме со Него во последните мигови на страданијата, да бидеме Христови сострадалници, во сета ск’рб, мака и страдание. Такво треба да биде нашето христијанско срце – сочувствено и сострадално.

А Кој е тој Страдалник? За кого страда? Зошто трпи? Што згреши за да биде мачен и распнат?

Христос безгрешниот Спасител на светот, страда заради нас грешните, доброволно – од љубов кон нас. Ние, пак, треба да покажеме побожност и благодарност. Да не бидеме предавници како Јуда и отстапници од Господа, ниту богопротивници како оние што Му судеа на Бога, туку да се поклониме пред долготрпеливиот Господ и Спасител Исус Христос.

На Велики четврток, на крајот од Литургијата (по замвонската молитва), се извршува чинот: Архиерејското миење на нозете на 12 свештеници, кои ги претставуваа 12 апостоли на Тајната вечера. За тоа време се читаат текстовите од евангелијата, кои говорат за тоа како Христос им ги измил нозете на апостолите, почнувајќи од Јуда, за да не рече дека го запоставил, па затоа го предал и завршувајќи со Петар, којшто се пофалил дека и сите да се одречат од Него, тој нема тоа да го направи, а уште ноќта трипати се одрекол од Христа.

Осветувањето миро се извршува на Литургијата на Велики четврток. Со осветеното миро се извршува светата тајна миропомазание по крштевањето, се осветуваат цркви и антиминси.

На Велики четврток се прави и општо маслоосветување, кое е различно од светата тајна елеосвештение. Ова маслоосветување се употребува за помазување на здрави, а елеосвештението се извршува над болни луѓе, за да оздравеат. Освен присутните во храмот за време на општото маслоосветување, со него се помачкуваат верниците през целата година, а по манастирите, на Велики четврток ги помачкуваат со него и ѕидовите од монашките ќелии. Тоа се прави за зачувување на здравјето: духовно и телесно и во знак на покајанието. Елејот е симбол на Божјото милосрдие – елеј на радоста и покајанието. Симбол на проштевањето.

Маслоосветувањето се прави на Велики четврток затоа што во овие свети денови сите христијани треба да се каеме и да се помачкаме со маслото на покајанието, а Бог ќе ни ги прости гревовите, како што ѝ простил на жената грешница која Го помазала Господа. Со овој осветен елеј, порано, на Велики четврток ги помазувале огласените, кои биле подготвени да се крстат на Велигден.

religija.mk



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.