Граѓаните, здруженијата и организациите да се ангажираат во борбата против климатските промени и градењето на позелена Европа е главната цел на климатскиот пакт како дел од Европскиот зелен план. Тој е замислен како платформа којашто ќе им овозможи на сите да споделуваат информации, да дебатираат, активно да учествуваат во решавање на климатската криза и да се приклучат кон движењето за заштита на климата којашто се повеќе добива на значење во Европа.

Климатската криза не е проблем со којшто допрва треба да се соочиме. Со своето делување веќе ја променивме климата на Земјата и ги деградиравме поголемиот број екосистеми. Aко пред некоја година кога ќе се споменеа климатските промени никој не реагираше сега ги гледаме резултатите на дело а последиците ги чувствуваме на сопствена кожа. Ефектите од климатските промени воопшто не се наивни: суши, шумски пожари, олуји, поплави и останати екстремни временски услови глобално се во пораст. Веќе ги чувствуваме последиците, а промените ќе бидат уште порадикални, а последиците подраматични доколку веднаш не се намали еколошкиот притисок, велат од Еко-свест.

Комисијата отвори повик за поединци и организации да станат амбасадори на климатскиот пакт кој со личен пример ќе ја мотивираат својата заедница да се ангажира за заштита на климата. Во почетната фаза приоритет се мерките поврзани за четири област кои донесуваат непосредна корист не само за климата и животната средина, туку и за здравјето и благосостојбата на граѓаните: зелени површини, зелена мобилност, енергетски ефикасни згради и зелени вештини.

Европската комисија уште во 2019-тата го започна Европскиот зелен план за транзиција на ЕУ во праведно, здраво, одржливо и просперитетно општество, како и подобар однос кон природата така што ќе можеме во наследство да оставиме поздрава планета.  Целта е Европскиот климатски пакт да ги обедини сите оние кои сакаат да преземат нешто за доброто на планетата. Со работата на интернет платформите, како и со дијалогот и размената на мислења со граѓаните се поттикнува поврзување на дигиталната и зелена транзиција. Во духот на Европскиот зелен план, Комисијата како институција исто така е посветена на тоа да дава примери и да стане климатски неутрална до 2025-тата година, појаснуваат од Еко-свест.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.