Свети Никола е голем празник, а како слава го има секое второ македонско семејство. Трпезата е посна, а Свети Никола се смета за заштитник на морињата.

Христијаните веруваат дека Свети Никола Чудотворец на многу пати ги спасувал изгубените бродови и поради тоа тој е заштитник на морепловците, рибарите, бродовите.

Во христијанскиот календар, Свети Никола се слави на 6 декември според стариот Јулијански календар т.е. на 19 декември, според новиот Грегоријански календар.

И во прозните народни умотворби еднаш се раскажува како Св. Никола ги помага сиромасите, друг пат како добил два празника во годината.

Така на пример во една приказна запишана од ѓаконот Јосиф, од манастирот Пречиста Кичевска, објавена во цариградскиот весник „Новини”, кон крајот на минатиот век, се раскажува дека едно време другите светци му завиделе на Св. Никола, затоа што многу бил почитуван и се поплакале на Бога.

Бог ја примил поплаката и веднаш испратил два ангела да го повикаат Св. Никола. Тие откако не го нашле по небото и по земјата го здогледале среде море како крепи една гемија готова да потоне.

Му ја пренесле заповедта, а тој ги замолил да му помогнат да ја извадат ѓемијата на суво. Виделе, не виделе ангелите му помогнале, а потоа така накиснат и со искинати алишта го одвеле пред Господа.

Тука во тој момент биле собрани и сите светци што се оплакувале на него. Господ само ги погледнал и ништо не рекол, а тие од погледот разбрале дека ако сакаат да бидат почитувани како Свети Никола, треба да прават добри дела како што правел тој.

Тогаш, се вели во оваа приказна, Господ заповедал за сите светци да има по еден ден во годината, за Свети Никола два, а за преподобниот Касијан кој најмногу го кодошел на четири години еднаш да му се празнува денот на 29 февруари.

Свети Никола за животот ги подучувал луѓето, лекувал, им помагал на сиромасите. Многумина не знаат, но Свети Никола станал заштитеник на морнарите затоа што својот имот го користел за откуп на заробениците.

Постои верување дека на тој ден никој не треба да го потсетувате на долг, ниту додатно да му ја отежнувате положбата затоа што е должник. Треба да се носат подароци за оние кои го слават Свети Никола. Меѓутоа и оние кои го слават празникот по некои обичаи на некои места во земјава своите гости не треба да ги пуштат со празни раце, туку мора да им дадат дарови пред да си одат дома.

Инаку, Свети Никола Чудотворец е познат и во другите припадници на верите. И покрај тоа што поминале неколку стотици години, народот не го заборавил неговиот живот исполнет со правење добри дела.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.