Во Националниот парк „Маврово” е направена нова фотографија од балкански рис. Фотографијата од преубавото животно е направена со помош на фотозамки во рамките на проектот за закрепнување на овој вид на животно. Проектот се реализира во соработка со Македонското еколошко друштво.

Состојба со рисот во Македонија е загрижувачка. Со најновите процени, популацијата на рисот во целиот негов потенцијален регион на Jугозападен Балкан изнесува околу 40 возрасни единки.

Оваа процена е добиена благодарение на директното пребројување на единки во јадровото подрачје – НП Маврово и нивна понатамошна екстраполација низ преостанатите погодни станишта. Пребројувањето на единки се вршеше со помош на светски прифатениот метод на фотозамки во 2008, 2010, 2013, 2015 и 2018 година.

Во Националниот парк и неговата потесна околина се среќаваат помеѓу 10 и 18 рисови, со просечна густина од 1,7 риса на 100 км2. Фактот дека популацијата е помала од 50 возрасни единки го сместува балканскиот рис во категоријата на критично загрозен (CR) според еден од критериумите на Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN) и како таков е ставен од 2015 година на Црвената листа на IUCN.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.