Летото и летните горештини се период во кој граѓаните треба да бидат особено внимателни при изложување на сонце поради опасноста од топлотен бран, но не ретко, треба да се внимава и на се почестата појава на разни влекачи, пред се змии и домови, кои се населуваат и во урбаните средини. И не само во урбаните средини,туку и во домови на некои граѓани, за каква што случка ни раскажа Миодраг Миленковски од Крива Паланка.

Неодамна во неговата бања во семејната куќа во населба Црвена нива, во атарот на село Кошари, влегол смок со должина од околу два метри, кој со помош на соседот успеале да го отстранат од домот.

Беше топло, нешто по пладне, околу 13 часот. Бев на работа, кога ми се јави сопругата, ужасната, исплашена и видно вознемирена, викајќи ме итно да дојдам дома. Побрзав и кога стасав ми покажа на бањата, отворајќи ми ја вратата. И јас се исплашив кога видов, смок, сиво- црн, со жолт труп, стои обвиткан околу водоводната цевка. Не знаејќи што да правам, со еден стап се обидов да го избркам, но тој влезе под кадата. Го повикав соседот Доне Стојановски, бидејќи знам по кажувања од негова страна дека имал искуство со змии и влекачи. Дојде, па заедно ја отстранивме кадата, а смокот повторно се врати на цевката и се обвитка околу неа. Доне храбро, со заштитни ракавици умешно го фати жив смокот со рацете, за глава и опаш, за среќа без да има какви било несакани моменти, изјави Миленковски.

Вели дека дваесет години живее во куќата, а досега првпат има ваков случај, немал забележано ниту во близина на домот влекачи.

Чичко Доне раскажува дека не му било страв да го улови смокот.

Не ми беше страв, видов дека е смок, го распознав и дека е мажјак, има позаоблена опашка. Го фатив и го однесов надвор, а тој се качи на едно блиско дрво, па се спушти и исплашено побегна каде што треба да биде, во шумата. Сум имал повеќе ситуации уште од младоста, да бидам во близина на смок змија. Еднаш спасив една млада жена, доилка од женка- смок, морав да ја отепам, а смочицата всушност имаше во себе околу 15 јајца кои најверојатно ќе ги положила и ќе изведеше мали смоци. Другпат при ископ на камен отепав змија, рече Доне Стојановски.

Смокот успеал да се провре низ дел од дотраената мрежа на прозорецот од бањата и влегол внатре, но за среќа успешно е отстранет. Но, она што е интересно е случката од следниот ден.

Утредента повторно се соочивме со непријатност, повторно ме повика сопругата бидејќи, наводно, смокот се вратил. Јас заедно со Доне отидов дома, но не стануваше збор за смокот од претходниот ден, туку за женката – смок, која сигурно според нас, влегла со смокот заедно, можеби се пареле, а таа најверојатно преноќила во нашиот дом под машината за перење алишта каде што ја пронајде сопругата. И неа ја исфрливме од домот жива, бидејќи постојат верувања во народот дека во секоја куќа има или змија, или смок. Се вели- смокот е домаќин и не треба да се тепа, а змијата е штетник, додаде Миленковски.

Според други верувања, во секоја куќа има змија или смок. Доколку во домот владее хармонија и мир, таа куќа ја чува смок, а ако во домот има недоразбирања и кавги, во куќата има змија.

Во секој случај, внимателно при движење во природа, во обраснати предели, но и на улица периодов, во времето на горештини кога влекачите се најраспространети.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.