Многу луѓе во земјава, најчесто од Скопје и Куманово, изминатиот период на социјалните мрежи објавиле фотографии на кои позираат со младенче лав. Како овие животни биле донесени во државата, кој го дозволил тоа и во какви услови сега се чуваат, е прашањето кое го поставуваат активисти за заштита на животните, кои апелираат МВР веднаш да преземе акција, пишува Фокус.
Од здружението за заштита на животните Анима Мунди, го прозваа министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и бараат итна истрага.
Итно бараме надлежните институции да спроведат истрага и да ги најдат и најстрого казнат сите оние кои во последните неколку дена се сликаат со младенчиња од лав како да се експонати, титули наместо диви животни заштитени со закон! Кој дозволил влез во државата на младенчиња од лав?
Кои институции се вмешани во ова бесрамно кршење на закон?-реагираат од здружението.
Тина Мицковска, активист за заштита на животните и портпарол на ЗОО Скопје, иста така вели дека е згрозена од сликите.
Ете, имаме лавчиња во Скопје и Куманово. Многумина се сликале и се снимиле со нив, повеќе лавчиња се, не е едно. Овој шверц на животните секаде во светот се смета за најголем криминал. Бараме да се испита случајот, веќе добив повеќе фотографии на кои се гледаат лицата кои позираат со лавчињата, овде сум за соработка со надлежните органи – за ,,Фокус” појаснува Мицковска.
Додава дека според закон, во земјава само зоолошките градини можат да внесат диви животни кои се заштитени со закон.
-Постојат строги одредби кога е оваа тема во прашање. Не може секој да си донесе и да си чува дома лав. Тоа е наведено и во конвенцијата за благосостојба на животните, и овде имаме класично кршење на законите. Што ќе биде кога лавчињата ќе пораснат?-прашува таа.
Извор: Фокус
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.