Ширум Швајцарија, земјоделците и сопствениците на градини ќе закопаат 2.000 пара бела долна облека како дел од научната студија за квалитетот на почвата.

Државниот институт за истражување Агроскоп ќе им испрати два пара памучни гаќи на волонтерите кои учествуваат во истражувањето, а нивната задача е да ги закопаат во земја во нивната градина или на друго обработливо земјиште во нивна сопственост.

По одредено време, гаќите ќе бидат ископани и испитани во каква состојба се, што ќе биде показател за степенот до кој малите организми го разложиле текстилот.

Тоа ќе биде показател за квалитетот на почвата, рече раководителот на проектот, Марсел ван дер Хејден.

Екологот исто така откри дека тие веќе извршиле слични експерименти во Канада, но не толку обемни. Претходно беа закопувани ќесички чај како дел од студијата за квалитетот на почвата.

Волонтерите кои одговорија на повикот на Агроскоп, за споредба ќе закопаат и стандардизирани ќесички чај во земјата и ќе земат примероци од почва за да ја тестираат веродостојноста на новиот метод во кој се користат памучни гаќи. Проектот се спроведува под името Evidence Underpants (Доказ гаќи).

Едниот пар гаќи ќе биде откопан и фотографиран откако ќе биде под земја еден месец, а другиот ќе биде откопан по два месеци. Распаѓањето на природните влакна потоа ќе се анализира со дигитален метод – колку повеќе дупки имаат гаќите, толку е поздрава почвата.

Хајден рече дека една од целите на студијата е да се потенцира како почвата е загрозена од ерозија, прекумерна употреба на ѓубриво и градежништво.

Експертите на Агроскоп велат дека секоја година во светот целосно се уништува област со површина двапати поголема од Швајцарија. Во такви области подоцна е невозможно да се изврши каква било земјоделска работа, бидејќи почвата е неплодна.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.