Според Мојсеевиот закон било предвидено секоја жена што ќе роди машко дете да се смета за нечиста седум дена, а уште триесет и три дена таа воопшто не смеела да дојде во допир со ништо свето, ниту, пак, да го посети храмот.

Пресвета Богородица, која немала потреба од очистување, бидејќи преку девственото зачнување и раѓање ја осветила својата утроба, заради искупувањето според законот, после навршувањето на четириесетте дена го посетила храмот и Го принесла својот Син пред Господа. Во тоа време, како што сведочи Евангелистот Лука, во Ерусалим живеел праведниот старец Симеон, кому му било ветено дека нема да ја види смртта сè додека во своите раце не Го прими Спасителот на светот. Воден од Светиот Дух тој влегол во храмот, токму во мигот кога Пресвета Богородица Го донела Младенецот Христос за да Го принесе пред Господа. Тогаш св. Симеон ја изрекол познатата фраза „Сега го отпушташ својот раб со мир Владико… “ и пророштво дека нејзиниот Син ќе биде „за паѓање и подигање на мнозина во Израилот и знак против Кого ќе се говори. А и на тебе самата меч ќе ти ја прободе душата, за да се откријат мислите на многу срца“ (Лука, 2, 34 – 35).

Празникот Сретение Христово влегува во бројот на 12 – те Големи празници, но не Господови, туку Богородични празници. На тоа укажува и неговото обележје дека ако се падне во недела, тогаш воскресната служба не се заменува со службата на празникот, што е карактеристично за Господовите празници, туку се пее заедно со неа. Овој празник има еден ден претпразненство и седум дена попразненство.

Празникот Сретение започнал да се слави во Ерусалим и тоа кон крајот на IV век, како „четириесеттиот ден после Богојавление“. Преданието вели дека се славел со огромна свеченост и „со најголема радост како за Пасха“. Значи во почетокот тој имал локално обележје, но подоцна, како што сведочат изворите, постепено се пренесувал по целата Црква. Според хронографот Теофан, овој празник бил прифатен во Цариград за време на Јустинијан, а во спомен на чудото кое таму се случило. Имено, болестите во Цариград и силниот земјотрес во Антиохија, направиле огромна штета. Но премилостивиот Бог му открил на еден праведен човек дека неволјите ќе престанат ако овој празник започне да се слави на тие простори. Така и се случило.

Најмногу проповеди на овој празник потекнуваат од Палестина. Есихиј презвитер ја напишал првата проповед и таа до денес е сочувана. Потоа проповеди напишале и Ерусалимските Патријарси Тимотеј и Софрониј, св. Кирил Александриски, Теодот еп. Анкирски, св. Амфилохиј Икониски, св. Методиј Патарски, св. Јован Златоуст, св. Кирил Ерусалимски, св. Григориј Чудотворец и св. Георгиј Никомидиски. Црковните песни и химни ги пишувале Патријарх Герман, монах Јован, Анатолиј, Андреј Пир, св. Андреј Критски и монах Косма.

извор: Религија.мк



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.