Српските медиуми пишуваат дека голем број граѓани кои работат на Малта ќе мораат децата да ги вратат дома согласно новите строги прописи. Имено децата нема да можат да останат со нив ако годишно немаат заработка од 19.000 евра, плус 4.000 евра дополнително по дете.

Повеќе од 40 родители веќе се побуниле затоа што по повеќе години работа во Малта се соочуваат со овој проблем.

Се работи за закон од 2007 година кој се однесува на луѓе од земји кои не се во ЕУ, но сега почнува ригорозно да се применува.

Повеќето граѓани од регионот во Малта работат за минималец. Во Малта има голем број Срби, Македонци и граѓани од БиХ. На Малта има над 30.000 Срби.

Изминативе пет години Малта е омилената дестинација за работа и на голем број Македонци, особено за младите. Малта нуди можност за изнаоѓање работа во најразлични области: угостителство, градежништво, транспорт, медицина, туризам, хотелиерство и многу други.

Најважно пред да пристигнете во Малта е да најдете сместување. Тоа можете да го направите со помош на некој од сајтовите MaltaPark и Times of Malta или на некои од многуте фејсбук групи. Становите се најефтини пред почетокот на пролетта, односно крајот на февруари и почетокот на март.

Дозвола за работа треба да се добие пред да се започне со работа во Малта. Државјаните на земји кои не се членки на ЕУ треба да поднесат барање за издавање на дозвола за работа до надлежните органи, најдоцна три месеци порано.

Сите оние кои сакаат да аплицираат за дозвола за работа треба да достават барање за дозвола за работа, потпишана од кандидатот и работодавачот. Треба да биде доставена кратка биографија, фотографија со димензии како за пасош, дипломи и сертификати, односно било каков доказ за квалификации. Задолжително треба да се достави и копија од пасошот како и писмо каде детално ќе бидат наведени информации во врска со причината за престојот во Малта. На листата задолжителни документи се и документите со кои работодавачот докажува дека вие сте лицето кое се бара за конкретното работно место и која е причината зошто истата не била доделена на жител на Малта или на друга ЕУ земја.

Сите потребни документи треба да бидат на англиски јазик.

Најголемиот број Македонци кои заминуваат во Малта на свој трошок, најчесто наоѓаат работа во угостителските објекти. На ваков начин, тие имаат дозволен престој во времетраење од три месеци.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.