Во далечната 1982 година, еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, Диего Армандо Марадона, со многу страст го купил својот прв автомобил, а ни повеќе, ни помалку – Фиат 128, позната кај нас како „стодваесетиосмица“, слична на „стоеден“, ама со правоаголен багажник.

Токму тој автомобил во 2003 година бил пронајден во еден кокошарник во предградието на Буенос Аирес, Аргентина, а го пронашол Мартин Вароне, колекционер на автомобили, кој сега го продава возилото на аукција.

Марадона многу ретко го возел овој автомобил, со оглед на тоа што бил зафатен со кариерата, а по трансферите во Барселона и во Наполи имал доволно пари за да си го купи секој луксузен автомобил што ќе го посака.

Па така, 128-цата останала заборавена, сè додека Вароне не ја извлекол од кокошарникот. Новиот сопственик подолго време го чекал вистинскиот момент за негова продажба и решил тоа да го стори една година по смртта на легендарниот фудбалер.

Новиот сопственик на овој Фијат 128 ќе добие и дигитален ваучер како доказ за автентичноста на автомобилот.

Интересен е податокот дека стариот автомобил на Марадона може да се купи само со криптовалути, а почетната цена е околу 400.000 долари. Акцијата ќе биде отворена со 15 февруари 2022 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.