Дванаесетгодишно момче од Канада, при едно свое аматерско истражување, открило редок скелет на диносаурус стар 69 милиони години.

Нејтан Храшкин, вели дека буквално бил без зборови кога ги видел коските.

Бев толку шокиран, што не бев ни возбуден, иако знам дека требаше да бидам – вели момчето.

Младиот палеонтолог, заедно со неговиот татко, го истражувал т.н. Провинцијален парк на диносаурусите во областа Алберта, близу Калгари, којшто е богат со фосили. Во јули тие забележале како се наѕираат стари коски од една карпа, а деновиве целосно заврши и нивно ископување на скелетот на диносаурусот.

Нејтан, кој е заинтересиран за диносаурусите од шестгодишна возраст, често со својот татко, го истражува ова заштитено подрачје во Канада.

Момчето знаело дека фосилите се заштитени со закон, па веднаш го известиле надлежниот музеј.

Стручњаците потоа откриле меѓу 30 и 50 коски кои му припаѓале на млад хадросаур, за кој се проценува дека бил стар околу три или четири години.

Порано, како и на повеќето деца, и мене омилен диносаурус ми беше тираносаурус-рекс. Но, сега го обожавам хадросаурусот. Едвај чекам да го видам поставен во музејот – вели Нејтан.

Оттаму, пак, велат дека ваков фосил, стар околу 69 милиони години, е многу редок наод.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.