Водите од Дојранско, Тиквешко и Беровско Езеро се класифицираат во четврта класа, која се однесува на силно еутрофична, загадена вода, која во природна состојба може да се употребува за други намени само по одредена обработка. Ова го покажува мониторингот на квалитетот на водите од трите езера што оваа година го спроведе Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, во соработка со Институтот за комуникациски студии во рамките на кампањата „Разбистри сè“.
Дејан Андонов од Институтот за комуникациски студии вели дека мониторингот беше спроведен од април до ноември оваа година за да се утврди квалитетот на водата во Дојранско, Тиквешко и Беровско Езеро, кои се користат за различни намени – туризам и рекреација, наводнување и водоснабдување, и тоа во два периода од годината – напролет, кога се полнат со вода и наесен кога нивото на сите езера е на најниско ниво.
Универзитетскиот професор од Факултетот за Природно-технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, Ѓорѓи Димов вели дека според микробиолошките анализи, во Дојранско и Тиквешко Eзеро се детектирани колиформни бактерии од фекално потекло, кои ги класифицираат езерата во Класа 3 и 4.
Микробиолошко загадување од Класа 3 значи дека водите може да се употребуваат за наводнување, а по обработка и во индустријата на која не ѝ е потребна вода со квалитет за пиење, додека загадувањето од Класа 4 не дозволува оваа вода да се користи за рекреација. На локални фекални загадувања укажуваат и концентрациите на нитритите, кои варираат во текот на пролетната и есенската сезона во сите три езера, па има повремена појава на концентрации во Класа 3-4. Нитритот е многу токсичен за рибите и целиот жив свет.
-Во Беровско и Тиквешко Езеро наесен значително се зголемуваат концентрациите на вкупниот фосфор и достигнуваат Класа 4. Ова укажува на можно загадување на водите во овие езера заради прекумерна употреба на ѓубрива во земјоделството, нетретирани комунални води и испуштања од фарми или пречистителни станици. Во Дојранско Езеро мерливи концентрации на вкупен фосфор не се детектирани, вели Димов.
Посочи дека кога станува збор за растворени метали во водите, во Дојранско Езеро, концентрациите на бакар покажуваат пречекорувања во одредени проби во пролетните и есенските мерења и се категоризирани во Класа 3-4. Во есенските мерења е детектирано пречекорување и кај железото. Во Тиквешко Езеро наесен се јавуваат благо зголемени концентрации на олово и значително зголемени концентрации на кадмиум. Хроничната изложеност на кадмиум може да доведе до големи негативни ефекти врз водните организми и заради тоа треба да се извршат дополнителни истражувања за да утврди се изворот на овој токсичен метал.
Монтиноринтов на водите во трите езера во лабараторијата „Амбикон“ на УГД-Штип покажаа и дека според хемиската потрошувачка на кислород во водите, која исто така претставува показател за загаденоста на водите, Дојранско Eзеро достигнува Класа 3, додека водите од Тиквешко и Беровско Eзеро се класифицираат во Класа 2. Зголемената хемиската потрошувачка на кислород во Дојранско и Тиквешко Езеро е поради високи нивоа на растителна материја во распаѓање, а состојбата ја влошуваат комуналните и индустриски отпадни води, додека во Беровско Езеро на есен се должи на енормното намалување на нивото на водата во езерото.
Во истражувањето забележано е дека имајќи ги предвид индикациите на повремен висок степен на загаденост на водите во Дојранско, Тиквешко и Беровско Езеро, неопходни се дополнителни и континуирани анализи на сите показатели на квалитетот на езерските води, а пред сè на еутрофикацијата и кислородниот режим, кои ќе дадат појасна слика за можните извори на загадување и мерките за подобрување на квалитетот на водите во езерата.
Мониторингот и хемиските анализи ги изврши Лабораторијата АМБИКОН при Универзитетот „Гоце Делчев“, а микробиолошките анализи беа направени во Центарот за јавно здравје – Штип. Димов препорача на локалните власти да направат канализациони мрежи во викенд населбите на езерите, но и инспекторите да излегуваат на терен, со цел да нема испуштање на отпадни води во езерата. вдј/лв/
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.