Има 37 години и веќе сите ја знаат во Радовиш. Таа е Слаѓана Јакова, единствената жена комуналец што вози камион за ѓубре. По повод 8 март за таа раскажaла дека како возач на камион за смет често наидувала на различни, понекогаш и комични ситуации и дека на жените им препорачува да бидат похрабри и да го работат она што сакаат, јавува весникот Вечер.

Желбата е уште од мали нозе. Брат ми е шофер, исто и маж ми. И мене нешто ме копкаше за возење и ете сега сум шофер, вели Јакова.

Иако е единствената жена вработена во комуналното претпријатие ЈП „Плаваја“ во Радовиш, вели дека многу е задоволна од односот на колегите.

Задоволна сум од своите колеги, но работата е таа. И да сакаат да ме поштедат, не можат. Платата е иста за сите, нема поделби. Често слушам пофалби за мојата работа бидејќи сум првата жена што вози камион за ѓубре во Радовиш, но има и критики. Сепак, ако се сака работата ништо не е проблем, додава радовишанката.

Додека го собиравме ѓубрето направивме застој во сообраќајот. И еве, доаѓа до вратата од камионот еден човек нервозен и сака бурно да реагира. Ама кога виде дека жена седи зад воланот, не знаеше што да каже, па се врати назад, раскажала Слаѓана низ смеа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.