Археолози тврдат дека го откриле местото каде што Јован Крстител бил осуден на смрт. Станува збор за месноста Махерон во денешен Јордан, каде што, според археолозите, имало подиум на кој Саломе го замолила кралот Ирод Антипас за главата на претходникот на Исус.
Според традицијата, Јован Крстител го најавил доаѓањето на Исус Христос на Земјата. Библијата, но и римскиот писател Флавиј Јосиф, сведочат како Јован Крстител го загуби животот. Римскиот писател ја спомнал тврдината Махерон во близина на Мртвото Море како место на погубувањето.
Флавиј Јосиф пишува дека кралот Ирод Антипа се плашел од растечкото влијание на Јован Крстител па затоа го погубил.
Библиската приказна раскажува дека Ирод Антипа сакал да се ожени со Иродијада, поранешна сопруга на неговиот брат Филип, на што се спротивставил Јован Крстител.
На роденденската забава на Ирод, ќерката на Иродијада, Саломе, го воодушевила Ирод со танцот, па тој и’ ветил што сака како награда, а таа ја побарала главата на Јован Крстител.
Археолозите кои ја истражувале оваа локација сега тврдат дека пронашле подиум за танцување каде што била изречена смртната казна, објави „Лајв Сајенс.
Водачот на истражувањето, Ѓезе Вереш, вели дека го откриле и престолот на Ирод Антипа. Тој објаснува дека локалитетот каде што се спроведувало новото истражување е познато со децении, но археолозите дури сега утврдиле дека тоа е престолот на Ирод.
Бидејќи станува збор за кралски престол, јасно е дека во близина на него постоел подиум за танцување каде што Салома го играла смртоносниот танц – тврди Вереш.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.