Вселенската сонда „Hope“, лансирана од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) пред неколку месеци, ја испрати првата слика од Марс. Како што објави националната вселенска агенција, сликата доаѓа неколку дена откако леталото успешно влезе во орбитата на Црвената планета.

На сликата се гледа „најголемиот вулкан во Сончевиот систем „Olympus Mons“, осветлен со сончева светлина рано наутро. Сликата е направена во средата од 24.700 километри висина – се вели во соопштението.

Шеикот Мохамед бин Рашид Ал-Мактум, премиер на ОАЕ и владетел на Дубаи, сликата во боја ја сподели на Твитер.

Првата слика на Марс снимена од првата арапска сонда во историјата на земјата – напиша Шеикот.

Мисијата е осмислена да открие непознати работи за времето на Марс, а ОАЕ исто така сака да им послужи како инспирација на младите од регионот.

Вселенското летало „Hope“ е првото од трите вселенски летала што стигнаа на Црвената планета овој месец откако Кина и САД ги почнаа свои мисии во мај.

АФП пишува дека зафатот на Обединетите Арапски Емирати е темпиран така што тој се совпаѓа со прославата на 50-годишнината од обединувањето на седумте емирати.

Вселенското летало ќе кружи околу Црвената планета најмалку една марсовска година или 687 дена, користејќи три специфични инструменти за следење на атмосферата на Марс.

Пренесувањето на повеќе информации се очекува да почне во септември 2021 година, а собраните податоци ќе бидат достапни за сите научници ширум светот кои ќе ги проучуваат.

ОАЕ претходно претстави многу амбициозна вселенска програма која вклучува изградба на населба за луѓе на Марс до 2117 година.

Мисијата „Hope“ чинеше 200 милиони долари, а тамошните научници ќе соработуваат со научните тимови на Универзитетот во Колорадо Болдер, Државниот универзитет во Аризона и Универзитетот Беркли во Калифорнија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.