Изборот на садови за готвење е важна постапка при опремувањето на домот, затоа што во зависност од материјалот на изработка, садовите имаат различни карактеристики, цена и употребливост.
Затоа е препорачливо добро да размислите пред да ги изберете најдобрите садови што ќе одговараат на вашите потреби.
Од леено железо
Овие садови се користат веќе стотина години, а има многу причини зошто и денес се употребуваат. Материјалот е многу издржлив и добро ја задржува топлината и покрај тоа со правилно одржување садовите можат да ви траат со децении.
Но, недостатоците се што бараат редовно чистење за да не за’рѓа, тешки се, реагираат на кисела храна, им треба многу време за загревање, притоа во одреден вид храна испуштаат мала количина железо, но не е опасно по здравјето.
Емајлирано леено железо
Овие садови го нудат најдоброто од лееното железо, а не бараат строго и темелно чистење. Лонците и тавите изработени од овој материјал можат да варираат во цена од евтини до многу скапи. Добар совет е сепак да избегнете евтини примероци бидејќи тие лесно се лупат и губат боја.
Предност е што храната не се лепи за дното, добро ја спроведува и задржува топлината. Недостиг е што се скапи, тешки и им треба подолго време да се загреат.
Еколошки садови
Овие се релативно нови садови направени од посебен материјал за кој храната не се лепи, а наводно е еколошки поприфатливо од класичните садови со нелеплива подлога, која има премаз од петролеј.
Предност е што се здрави за готвење и еколошки прифатливи. Недостаток е тоа што нелепливата површина со текот на времето ја губи ефикасноста и не се препорачува да се загрева на високи температури.
Не’рѓосувачки челик
Ова е дефинитивно најпопуларниот материјал за кујнски садови. Металот е легура или комбинација која вклучува мали количини хром и никел, создавајќи површина отпорна на ’рѓа и корозија. Единствен проблем со садовите од не’рѓосувачки челик е неговата неспособност да ја спроведува температурата, а за да се надомести тоа, производителите направиле и садови со алуминиумско и бакарно јадро.
Цените се релативно пристапни, многу се издржливи и отпорни на гребаници, не реагираат на кисела храна, отпорни се на ’рѓа и корозија. Недостиг е што има лоша спроводливост на топлина, освен ако има алуминиумско и бакарно јадро, а старите садови можат да испуштаат никел и хром и не смеат да се чистат со јаки абразивни средства.
Алуминиум
Тој е најчест избор кога станува збор за тепсии и плехови. Алуминиумските лонци се направени од леен алуминиум, кој полошо ја спроведува топлината, а тоа што реагира во допир со храна, алуминиумот ретко се користи.
Добро спроведува топлина, отпорен е на ’рѓа и корозија, евтин е. Лесно се оштетува и реагира со кисела храна, поради што не е препорачлив за готвење.
Тефлонски садови
Овие садови се направени од специјален материјал кој го намалува лепењето на храна, па овозможува готвење со малку маснотии. Но, овие садови не се добри за готвење сосови, а исто така постојат и здравствени причини поради кои не се добар избор.
Не се препорачува загревање на висока температура и лесно се оштетува.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.