Под мотото „Обојте го светот портокалово: Генерацијата еднаквост против силувањето”, денеска се одбележува меѓународниот ден за борба против насилството врз жените годинава.

Економската зависност на жената раѓа насилство, поради што најчесто жртви на семејно насилство се невработени жени, кои и покрај малтретирањето, сепак се враќаат кај насилникот, со што си го изложуваат животот на опасност, вели за Слободен печат, претседателката на Организацијата на жени на Град Скопје, Томка Дилевска.

На СОС линијата 15 700, која функционира веќе 29 години, секој ден имаме околу 8 пријави, од кои 5 секогаш се во ноќните часови, по што, доколку се работи за телесна повреда секогаш ѝ излегуваме во пресрет на жртвата. По направен лекарски преглед, жртвите на семејно насилство ги сместуваме во нашиот шелтер центар каде што имаат можност да останат од 1 до 12 месеци. Од почетокот на 2019 година во шелтерот се сместени 10 жени и 12 деца, а лани беа сместени 30 жени и 18 деца. Но, проблемот се јавува по напуштањето на шелтерот, кога 80 проценти од жртвите се враќаат кај насилникот, поради економската зависност од мажот – објаснува Дилевска.

Иако во јавноста се верува дека само необразовани мажи од рурални средини ги тепаат жените, Дилевска ни открива дека кај нив се обраќаат и жени на познати функционери, од кои една жена на градоначалник дошла претепена. И не е единствена.

Во шелтер центарот веќе 9 месеци престојува мајка на девет деца, со нејзините три најмали деца. Таа е жртва на сексуално и физичко насилство од нејзиниот сопруг. Можноста да престојува таму истекува за само три месеци, по што нејзината судбина е неизвесна.

Само во Македонија жртвите се тие кои претепани, силувани и психички истрошени се приморени, некогаш и со мали деца да излезат од семејната куќа, дури и на полноќ, барајќи спас од ќотекот. Јас лично апелирам до Министерството за труд и социјална политика да обезбеди центар за мажи-насилници, кои треба да го напуштат домот, а не жртвите – нагласува Дилевска.

Со цврста волја и желба да се извлечете од пеколот, ама и со наша помош, а можам да кажам и со Божја помош, се случуваат чуда, вака Томка ја започнува приказната за 18-годишна девојка, која била постојано малтретирана откако забременила со женско дете. Партнерот, сакајќи да има син, ја принудувал на абортус, а родителите ја избркале од семејниот дом. Помош побарала од ОЖС, каде што и помогнале и покрај ризичната бременост и сериозноста на повредите да роди здраво дете. Иако првично сакала да го даде на посвојување, подоцна се премислила, а сега нашла мајка и татко во луѓето кај кои живее под кирија, кои за неа и нејзината ќерка се грижат како за свои деца, а таа работи на проект во Црвениот крст.

Друга жена херој е мајка на три деца која сопругот ја тепал и покрај дијагностицираниот рак на дебело црево, и бели дробови. По добивањето на хемотерпијата, таа успева да ја победи болеста и да се вработи, за конечно да почне да живее слободен живот.

Повеќе на Слободен печат



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.