По истекот на 2018 година, гевгеличани многу тешко или речиси никако не можат да купат огревно дрво на стовариштето на Шумското стопанство „Кожуф“ во Гевгелија.
Директорот на гевгелиската подружница Драги Попов, ваквата состојба ја образложува со фактот дека тие работат според план и програма што ја добиваат од дирекцијата на ЈП „Македонски шуми“ од Скопје и оти истата за 2018 година е стопроцентно реализирана.
Сите склучени договори со синдикатите, пензионерите и физичките лица целосно ги исполнивме до 31 октомври 2018 година. Според нив продадовме над 25 илјади просторни метри огревно дрво од кои преку стовариштата во Гевгелија и Миравци 12.306, преку селска сеча 8.170 и на шумско камионскиот пат се продадени 4.900 просторни метри огревно дрво, рече Попов.
Покрај ова, посочи Попов, временските прилики во јануари беа неповолни за сеча и дотур на огревно дрво што е уште една причина зошто нема огревно дрво на стовариштето во Гевгелија.
Сепак, според шумските работници, моментната состојба во Гевгелија за нив е најдобар показател дека подружницата треба да иницира и побара зголемување на квотата за сечење огревно дрво годинава затоа што се поголем е бројот на граѓани кои користат огревно дрво за затоплување на своите домови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.