Компанијата “Biohax” успешно го спровела проектот за вградување на поткожни чипови во Шведска. Дури три илјади луѓе се одлучиле за вградување, а поддршка им дале и локалните власти, воведувајќи можност за плаќање на железничка карта преку чипот. Сега во компанијата “Biohax” се надеваат на голем пробив на европскиот пазар.

Следна станица за ширење на бизнисот е Италија, пишува Еуроњус. Ерик Ларсен, Швеѓанец на чело на тамошниот огранок, наведува дека чека само одобрение од италијанското министерство за здравство.

Кога ќе го добие, се очекува во Милано и Рим чип доброволно да вградат околу 2.500 луѓе.

Оваа технологија настана за да ни помогне. Тоа е како да имате мали супер моќи – објаснува Ларсен.

Повеќето луѓе не сфаќаат дека нашите чипови немаат „GPS” и дека ние не ги следиме клиентите. Но јасно е дека луѓето се плашат бидејќи за слична технологија имаат видено само во холивудските филмови – вели Ларсен.

Лично, тука не гледам ништо лошо. Тоа е пасивна технологија, ја контролира сопственикот. Треба да бидете многу блиску за податоците да се вчитаат. Ни вградувањето не е болно, како да ве боцнала оса – вели шведскиот ИТ експерт Мартин Левин, кој веќе три години има два чипа во раката.

Станува збор за иста технологија како кај картичките во банките, и ризиците се исти. Постои можност некој да го фати сигналот. Уште поголема е компликацијата ако идните верзии следат податоци за вашето здравје или ако содржат други приватни информации  – вели Роб ван Ајк од Европскиот форум за иднина на приватноста.

Компанијата истакнува дека нема причини за страв. Големиот пресврт и масовното користење на чиповите очекуваат со развојот на технологија со која чипот ќе функционира како паричник.

Се надевам дека плаќањето ќе стане главна функција. Очекувам иднина во која чипот ќе стане некој вид на мобилен идентитет – вели Левин.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.