Верниците од исламска вероисповед рано изутринава го почнаа рамазанскиот пост, што трае 30 дена и завршува на 12 мај. За време на постот верниците од изгрејсонце до зајдисонце се воздржуваат од јадење и пиење.

Според исламската религија, постот, кој е еден од исламските столбови е задолжителен за сите верници за нивно физичко и душевно прочистување. Верниците мора да се воздржуваат од лоши зборови и дела со цел општо човечко прочистување. Постењето е верска обврска за секој полнолетен, здрав муслимански верник, но не е обврзувачко болните, бремените жени и работниците кои вршат тешка физичка работа.

По рамазанскиот пост, на 13 мај е Рамазан Бајрам, кој се чествува три дена. Тогаш целото семејство се собира на празнична трпеза, а се посетуват роднините и пријателите. Рамазан е деветтиот месец во Исламскиот календар.

Првиот ден од Рамазан Бајрам е државен празник.

Во пресрет на рамазанскиот пост, поглаварот на Исламската верска заедница, Шаќир Фетаху, им порача на верниците да го искористат овој период за зајакнување на свесноста за Бога, моралот, трпеливоста, жртвеноста, мирот, толеранцијата и хуманизмот, за очистување на мислите, срцата и душите и за дарежливост и солидарност со сиромашните.

Тој упати апел да се почитуваат препораките за заштита и спречување на ширењето на корона вирусот.

Овој Рамазан исто така повторно не наоѓа во вонредна состојба поради пандемијата на Ковид-19, така што нашето високо ниво на грижа и дисциплина да ги почитуваме сите мерки со цел да се заштитиме од оваа болест, ќе бидат наша вредност на овој месец, со што ќе дадеме придонес за надминување на оваа состојба. Затоа, нека овој месец биде жива инспирација за подигнување на нашата свест за излегување од оваа тешка здравствена состојба.

 

Почитувани верници! Дозволете ми во име на Исламската верска заедница во Република Македонија, нејзините органи и институции, како и од мое лично име, да Ви ги изразам моите срдечни честитки, молејќи му се на Семоќниот Алах да ви даде целосно здравје и волја, непоколебливо верување, висока свест, многубројни ибадети, лесен и примен пост. За хајр мубарек Рамазан и Алах да Ве благослови! – порача Фетаху.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.