Книжевниот критичар и есеист Џорџ Штајнер почина на 90-годишна возраст. Штајнер беше универзален мислител: тој со најголема компетенција пишуваше за религијата, сликарството, филозофијата, литературата, математиката. Толкувањето на еврејската традиција е централна тема на неговото целокупно дело. Штајнер беше експлицитен противник на деконструктивизмот.
Варварството на 20. век изникна под закрила на европската култура, ќе рече Штајнер во еден свој есеј.
Штајнер е интелектуален Дон Кихот кој знае дека е на изгубено место. Културниот песимизам не е болест изникната од афект, туку развиен став на умот. Неговата основна претпоставка е дека сите ние сме доцна родени, дека великаните на мислата и уметноста живееле во минатото, а дека ние живееме во штуро време и дека сме само епилог на некогашната витална култура, дека високата култура е жртвувана за популарната, дека ние припаѓаме на византиско-александриско доба, кое не твори ништо сопствено, туку само егзегетички ги коментира преданијата, дека сме меланхолични набљудувачи, кои на залезот замижано гледаат во Сонцето.
Ние сме само болви во гривата на лавот, метафорично Штајнер ја изразува оваа позиција во едно интервју.
Штајнер беше професор на најугледните катедри на елитните универзитети од Принстон до кембриџ, од College de France до Оксфорд. Беше долгогодишен колумнист на „Њујоркер“. Тој беше жива синтеза во која епохите, културите и научните дисциплини складно се слеваат.
Потекнува од австиско-еврејско семејство. Кога се родил (1929) неговото семејство живеело во емиграција во Париз, а благодарение на интуицијата на неговиот татко семејството во 1940 година емигрирале од Франција во Америка. Штајнер од мали нозе бил воспитуван на три јазици-германски, француски и англиски. Тој духовен космополит на единствен начин во својата биографија ги спојува еврејското, европското и американското.
Кога Штајнер ја примил Бернеовата награда на градот Франкфурт, во 2003 година во негова чест говорел тогашниот министер за надворешни работи, Јошка Фишер, кој меѓудругото рече дека „Штајнер е отелотворување на идеалите на ‘ренесансната ученост‚ и отелотворување на ‘Старата Европа’. Тоа го прави Штајнер мошне племенит и ‘незаменлива марка на која местото и е пред се во стаклена витрина, отколку на масовиот пазар“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.