Дебармаалци, роднини, пријатели, комшии, соработници, театарџии вчера го прославија 67. роденден на најзначајниот македонски драматург Горан Стефановски, кој почина лани во ноември во Англија.

Да беше жив, Горан вчера ќе го прославеше 67. роденден. Токму поради тоа, неговата фамилија реши во Дебар Маало, неговото омилено место во Скопје да засади едно дрво, чинар, во негова чест. Дрвото е спроти кафаните „Наџак“ и „Идадија“, во малото паркче. Општина Центар соопшти дека ќе биде направена и метална клупа, а во човечка големина ќе биде излиена неговата фигура како седи на клупата и на неа ќе има место за секој што сака да седне.

На прославата на животот на Стефановски кој ги напиша најзначајните драми во поновата македонска драматургија, се раскажуваа анегдоти, се евоцираа спомени и сеќавања. Меѓу нив беше и музичарот, актер и менаџер Петар Георгиевски-Камиказа кој раскажа еден момент од нивното дружење.

Јас бев четврта година на студии, а Горан веќе беше професор на ФДУ. Јас имав една портокалова „15-ка“, мотор. Застанат онака со раката, ме гледа и вика: Oвој е за двајца? Му одговарам: да. Ај да ме повозиш малце? Еве до Аеродром каде што живеам. Едно време почна да пее. Стигнуваме и ми вика: Ова било подобро од секс! Што не кажеш! Стигнавме до Аеродром и ми вика: А да одиме до Ѓорче? Го вртиме моторот, возиме до Ѓорче и кога дојдовме до бензинската пумпа, ми вика: Кога дојдовме до тука, грев е да не идеме до Сарај! Отидовме до Сарај. Седнавме на една клупа. Во неговиот џеб имаше весник, чинам ‘Вечер’ и ми даде половина весник мене, половина за него. Си прочитавме секој својот дел и ми вели носи ме на ФДУ. Викам ајде до дома. Тој вели : Не, сега пешки ќе си одам до дома, сакам ова искуство да си го споделам со себе“, раскажа Перо Камиказа.

За време на целиот настан, на калдрмите во Дебар Маало, протрчуваа внучињата на Горан, се качуваа на бината, играа на музиката, а присутните уживаа во извадоците од интервјуата на Горан, извадоците од претставите „Огнени јазици“ и „Демонот од Дебар Маало“. Се прочита и писмото до внуката Калина, кое Горан го напишал кога се родила првата внука.

Фалиш Горане, да видиш како денеска со солзи го слушаме твоето писмо до Калина. Само да можеше да видиш како денес внуците ти трчаат низ Дебар Маало, рече една госпоѓа на отворениот микрофон.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.