Летните бури со молскавици во рамките на Арктичкиот круг се зголемија тројно од 2010 година, тренд директно поврзан со климатските промени.
Метеоролозите оваа седмица биле изненадени од бурите со грмотевици и молњи коишто три дена со ред го погаѓале ледениот Арктик, од Сибир до северот на Алјаска, што е невообичаен феномен за кој научниците велат дека со глобалното затоплување ќе биде сѐ помалку редок.
Метеоролозите никогаш претходно немаат видено нешто вакво, изјавил Е.Д. Пламб, метеоролог од Националната временска служба во американски Фербенкс, опишувајќи ги бурите со молњи кои започнале минатата сабота.
Имено, вообичаено е воздухот над Арктичкиот Океан, особено кога водата е прекриена со мраз, да нема доволно топлотно струење потребно за создавање на бурите проследени со грмотевици и секавици. Меѓутоа, како што толкуваат научниците, поради климатските промени тоа сега се менува, бидејќи Арктикот се загрева побрзо од остатокот на планетата.
Епизодите на летните бури со молскавици во внатрешноста на Арктички круг тројно се зголемиле од 2010 година, што е тренд директно поврзан со промената на климата и забрзаното исчезнување на ледниците на далечниот север, известуваат научниците во своето истражување објавено во списанието „Џиофизикал рисрч летер“.
Со исчезнувањето на мразот, сè повеќе вода испарува, зголемувајќи ја влажноста во сè потоплата атмосфера. Со повисоките температури и тоа се случува, вели коавторот на истражувањето Роберт Холцворт, физичар од Универзитетот Вашингтон во Сиетл.
Овие електрични бури ги загрозуваат арктичките бореални шуми, бидејќи предизвикуваат пожари во оддалечените подрачја, коишто веќе и онака се изложени на летното сонце. Бораеалната област на Сибир бележи најмногу молњи од кој и да е друг арктички регион, вели Холцворт.
Сѐ позачестените се и појавите на молњи и ширум арктичката област на тундрите, како и над Арктичкиот Океан и ледениот покривач. Во август 2019 година молскавица засветлела на само 100 километри од Северниот пол, утврдиле истражувачите.
Она што некогаш беше многу ретка појава, сега е само ретка. Не се сеќавам дека молњите се појавувале на Арктикот три дена по ред, вели Рик Томан, научник од Универзитетот Алјаска во Фербенкс и додава дека како што низата од арктичките бури оваа седмица покажала, молњите веќе се појавуваат на неочекувани места.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.