Следните 12 месеци ќе бидат клучни во битката за климата, изјави денеска генералниот секретар на ОН, Антонио Гутериш, цитиран од ДПА.

Гутереш од говорницата на Меѓународната конференција за климата во Мадрид подвлече дека светот станува се потопол и тоа се случува много побрзо отколку што луѓето дозволија. Неповратните точки се сосема видливи и се приближуваат со молскавична брзина, предупреди тој, пренесе ДПА.

Гутереш забележа дека ограничувањето на глобалното затоплување во рамките на 1,5 степен Целзиусов, што е една од набележаните цели во договорот за климата од Париз, се уште може да се постигне, но дополни, човечештвото многу заостанува.

За да го запреме трендот на глобално загревање над овие вредности, ќе треба да преземеме мерки, вклучувајќи го и неградењето нови електроцентрали на јаглен по 2020 година и потоа државите и цели индустриски сектори, како бродоградбата, да ги натераме да преземат обврски да бидат јаглеродно неутрални во следните децении – рече генералниот секретар на ОН.

Гутереш повика на „повеќе амбиција, повеќе солидарност и поитни дејствија”.

Во вчера објавеното истражување и Светскиот економски форум (СЕФ) се приклучи кон повиците до владите и компаниите да ги намалат емисиите за штетни гасови.

Истражувањето покажува дека до овој момент само 67 од вкупно 193-те земји членки на ОН, одговорни за помалку од 15 проценти од глобалните емисии, презедоа обврски да ги сведат своите емисии на штетни гасови на нула.

Владите и компаниите треба да ги зголемат своите амбиции и да почнат да набројуваат конкретни цели и да ги практикуваат – изјави извршниот директор на СЕФ, Доминик Вогреј.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.