Без знаење на Месната заедница од село Речица и без информирање на јавноста, за време на викендот (9 – 10 мај), локалното население забележало механизација и работници кои ги сечеле дрвјата во подножјето на планината Мазатар, на местото викано Равен. Шумата се наоѓа над Мала Река, која е притока на Коселска Река. Ова место е во надлежност на ЈП „Национални Шуми“, подружница ШС „Галичица“. Според информациите од терен, дрвјата се видливо намалени, објавија на својот ФБ профил од Охрид SOS.
Тие во продолжение пишуваат:
Сечењето на шумата е директен фактор за ерозија, односно го зголемува ризикот од ерозија. Понатаму тоа ќе се одрази врз квалитетот на водата, со тоа што во реката ќе донесе поголем нанос од земја.
И во самиот нацрт-ЛЕАП (2019 – 2025) на Општина Охрид е јасно наведено дека: „…ерозивните наноси од речните сливови во езерото, особено од р. Сатеска и р. Коселска, што во себе носи ерозивни седименти и загадувачки материи кои ги примила долж нејзиниот тек, претставува голема закана за биолошката разновидност на Охридското езеро.“
Загрижени заради интензивната сеча која сè уште се одвива, бараме веднаш да се прекине со сечењето, и од надлежниот орган Шумско стопанство „Галичица“, од Општина Охрид и надлежните инспектори, бараме да ни одговорат на следниве прашања:
1. Кој и кога ја донел одлуката за оваа сеча и дали е истата во согласност со постоечкиот ЛЕАП во кој се наведува: „Коселска река е најголемата река која се слива во Езерото? Таа е поројна река. Пороите од сливот толку ѝ го насипуваат коритото со наноси, што постојано го издигаат, така што станало сосема плитко, па при голем водостој се случуваат и поплави…”
2. Бидејќи во мерките кои се преземаат за намалување на ерозивните наноси во Коселска Река, во ЛЕАП од 2012 г. за Коселска река е наведено и: „Заштитата на коритото се врши со комплексни мерки во кои доминира пошумување на ерозивните површини“, сакаме да знаеме дали пошумувањето се спроведува од 2012 наваму и како е координирано со сегашната сеча? Бараме овие информации да се јавно достапни, како и одлуките за сечата, пошумувањата (доколку ги имало), со документација, слики и видеа.
3. Дали за овој зафат во шумата се навремено информирани и консултирани Месните заедници на: Речица, Косел, Завој, Куратица, Опеница, Свиништа, и сите останати засегнати села во тој регион, како и јавноста во целост? Сакаме јавноста да има увид во записникот/списоците/фотографиите од тие консултации.
4. Дали има некои делови кои се наменети за сеча, а некои делови од планината/регионот кои не смее да се сечат, и кои се тие?
5. Како се утврдува колку максимум е дозволено да се сече и каде, имајќи ја предвид осетливоста на речниот еко-систем?
Инаку, ова не е единствениот еколошки предизвик со кој се соочува овој регион. Мала Река има значително намален водотек, откако таму во 2016 се изгради една од двете предвидени Мали хидроцентрали. Нема никави податоци, ниту контрола од надлежните органи за тоа дали Хидроцентралата го обезбедила минималниот задолжителен проток на вода. Водата е видливо намалена, а од двете страни на речното корито се оставени несредени купишта земја, градежен материјал и сечени дрва, иако од Хидроцентралата било ветено дека ќе го средат речното корито после градежниот зафат.
Во непосредна близина на селото Речица се наоѓа и градежна база во сопственост на GD Granit AD Skopje, за која исто така нема јавни податоци колку песок ископува, колку е законскиот лимит за тоа подрачје, ниту на кој начин управувачот на базата се грижи за намалување на штетата врз животната средина.
Бараме:
1. Локалното население да е вклучено во секоја одлука, и визуелно и на разбирлив начин да им се објасни стратегијата на Шумското стопанство за даден временски период.
2. Шумското стопанство да приложи мапи со план каде и колку планира да сече, пропратено со слики, видеа и Одлуки, како и да дава редовен квартален отчет, да доставува задолжителна видео-евиденција каде е засадено, што е засадено и колкав е успехот на засадени дрвја и пошумени зони.
3. Општина Охрид да ги повика сите засегнати Месни заедници и да им објасни:
– за моменталната сеча;
– за состојбите со Првата хидроелектрана на Мала Река;
– до каде е процедурата со Втората мала хидроелектрана;
– кој е нејзин сопственик;
– дали ги исполнува обврските за минимален доток на вода и за уредување на раскопаното земјиште околу речното корито, и
– на колку години е Концесијата.
НОВА ЕКОЛОШКА КАТАСТРОФА ВО СЛИВОТ НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО
Без знаење на Месната заедница од село Речица и без информирање…
Posted by Охрид SOS on Friday, May 15, 2020
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.