Седумнаесетгодишната велешанка Мартина Дејаноска преку „Фејсбук“ сподели за нападот кој го доживеала пред две години, реакциите и притисокот од јавноста, несоодветните реакции од институциите и одговорните, кога на часови по играорна во училишен центар во Велес била нападната од 62-годишен човек.

Нејзиниот статус ви го пренесуваме во целост:

„Поминаа две години…
Уверувања со кои сте растени, уверувања кои се наметнати и во кои сте поверувале.

Не е се вистина! Не треба да молчиме! Не сме виновни! Не си го бараме сами! Никој од нас не го заслужува тоа!

Чудно е да се раскаже мојата приказна но по сето она што го поминав и разочарувањето слушнато после објавената пресуда, решив да ја раскажам најтешката приказна за мене во мојот живот.

Некои ме знаат, оние кои ќе ме прочитаат за прв пат ќе говорам јасно и гласно. Јас сум Мартина Дејаноска, деновиве наполнив 17 години и не е како да имам поминато кој знае колку во животот но тоа што ми се случи мене не го посакувам на никого, а сето она што ќе ви го раскажам денес е со цел да ве инспирирам сите – ДА НЕ МОЛЧИТЕ! Реално јас ја имав таа среќа да избегам од рацете на еден ПРЕДАТОР, а за вас на кои веќе ви се случило па сте премолчиле или ќе ви се случи утре па ќе премолчите, искрено не знам.

Дејствијата кои се случија и елементите на кривичното дело, други полови дејствија на дете кое наполнило 15 години беа исполнети, причината поради која се решив да пишувам денес е резултатот и исходот од пресудата која гласи „ЕДНА ГОДИНА ЕФЕКТИВЕН ЗАТВОР“.

Можеби ќе звучи чудно сето ова да се знае, но не е чудно сите да знаат што може да им се случи.

Приказна која сакам да биде поттик за сите оние кои досега се плашеле и за сите оние кои после вакви настани си молчат и не сакаат никој да дознае што и како им се случило.

Ви се обраќам на сите бидејќи денес се е веќе возможно има некои мигови и дејствија во животот за кои поголемиот дел од денешната младина смета дека никогаш не треба да се раскажат. Јас не сум од тие и сакам да ме слушнете јасно и гласно.

Од моите родители научив и вечно сум им благодарна за тоа дека во животот ќе дојдат моменти, ќе се појават личности и денови кои никогаш не треба да се доживеат, да се почувствуваат, да се помирисаат, моменти кои никогаш не смее да се вкусат. Но најбитното од се е дека истите тие личности, денови, моменти никако не смеат да се премижат, а најмалку да се премолчат.

Беше пролетен ден 2019 година, 3 април убава пролетна вечер, што туку бев почната да се навикнувам на новата средина во која дојдовме, не поради бегство од минатото, туку поради подобра иднина за нас како деца.

Не сакајќи да го збришам минатото продолжив со активностите кои и таму ги практикував па одев на извидници, волонтирав во црвен крст и она што можеби најмногу го сакав а тој 3 април ми стана кошмар, посета на играорна група.

Отидов како и секогаш најнормално, оние кои ме знаат јасно им е што зборувам. Играорната група своите часови и активности ги имаше во УЗУС, познат Средношколски училишен центар во Велес. Поради големиот број на играорци и активноста која истите ја имаат скокајќи и играјќи наоколу, беше кобна за мене. Имено целодневната моја активност и влезот во таа просторија тој ден допринесоа да добијам вртоглавица и недостаток на воздух, па да побарам да излезам на свеж воздух, во мое друштво дојдоа мојата најблиска другарка и уште неколку од нашите пријателки и седевме во ходниците на училиштето.

Во тој момент од една од канцелариите излезе постар човек ни помалку ни повеќе, а подоцна разбрав на 62 годишна возраст кој ме погледна и ми се обрати со зборовите „Девојче имаш ли некаков проблем”, наивно од моја страна нешто на што ме предупредуваа моите родители отсекогаш, јас кажав дека имам вртоглавица и дека не ми е добро.

Предаторот во тој момент ми се обрати со зборовите „Дојди седи тука одмори”… Е таа е таа наивност на која вашите родители ќе ве учат ама па вие никогаш што од тврдоглавост, што од гордост мислејќи се знаете, нема да ја предвидите па после ќе биде доцна.

Влегов во просторијата седнав на едно столче вртоглавицата беше ужасна, истиот ми пријде од позади понудувајќи ми чоколадо и во тој момент ги стави неговите раце на мојата глава, почна да ме масира на главата не чекав ни момент, се беше брзо, веднаш реагирав и во тој момент сватив дека е време да бегам. Полека почна да ги движи своите раце кон моите раменици, па пробав да станам и тогаш бев притисната од него на столчето.

Знаев дека не е во ред тоа што се случува и повторно пробав да избегам, но тогаш се случи најгадното искуство. Предаторот ме фати, ме повлече кон него, ме притисна, ставајќи ги неговите раце околу моите гради, силно притискајќи и обраќајќи ми се со зборовите “НЕ Е ОВА ТОА ШТО ГО МИСЛИШ“ (и други вулгарни зборови), по што не знам како и од каде таа сила, но успеав да ги тргнам неговите раце од мене да се оттргнам и избегам од просторијата.

Толку беше краток овој момент… но за мене верувајте беше ЦЕЛА ВЕЧНОСТ.

Преплашена, настанот и го раскажав на мојата другарка, а во нејзино друштво кратко после тоа и на лицето кое прво требаше да ме заштити мене. Тогаш го гледав од аспект на учител кој ја водеше играорната група, а го добив првото разочарување од него. Откако се обратив до него и му ја раскажав случката тој безсрамно ме погледна во очи и убедена сум дека иако знаеше дека тоа што му го кажувам е вистина, ми се обрати со зборовите “ОДИ СИ ДОМА И НЕ КАЖУВАЈ НА НИКОЈ, А ЈАС ЌЕ РАЗГОВАРАМ СО ЧИЧКОТО”….. ЗАМИСЛЕТЕ ме натера да премолчам! Едноставно, да премолчам! Ова ви го кажувам за да знаете со кого имате работа и каде ги праќате вашите деца!

За волја на вистината моите родители не ме научиле така па веднаш со брзина на светлината крајно вознемирена и престрашена, се упатив према својот дом каде прво се погоре опишано и кажав на мојата мајка, а веднаш потоа и на мојот татко.

Без размислување затоа што тие веруваа во системот и сакаа да ми покажат и мене дека истиот функционира, тројцата се упативме кон полициска станица каде бев сослушана од единствените кои во тој момент нешто брзопостапно се обидоа да направат.

Ја дадов својата изјава во присуство на работник од центарот за социјални работи и кратко потоа со моите родители се упатив дома. Знам дека лицето од страна на полицијата таа вечер уште додека бевме таму било лишено од слобода, задржано во полициска станица и со истиот бил обавен на разговор од страна на задолжен инспектор, каде пазете колку и да звучи нештото чудно за некого тоа не било воопшто чудно, откако во својот исказ воопшто не негирал, освен дека ме допрел, дека нештото се случило и додал дека тоа на истиот не му било прв пат, дека истиот девојчињата кои доаѓале на играорна, секојдневно ги гушкал и ги чепкал, биле замислете ни повеќе ни помалку НЕГОВИ ПРИНЦЕЗИЧКИ.

Второто разочарување доаѓа откако е задржан не повеќе од потребното и со се погоре кажано да не речам признато дело, предаторот е пуштен со насока кривичното дело да се гони по бавна постапка, иако се исполнети условите за брза постапка.

Си отиде извршителот дома да седи и да лови недозволено, замислете точно ДВЕ години.

Да бидеш злоупотребен е едно од најстрашните искуства, особено за веќе збунето петнаесетгодишно дете.

По овој настан мозокот ми се затвори. Се чувствував вкочането, се чувствував како школка. Сите мои чувства – повредата, срамот, лутината, вината, тагата и збунетоста беа затворени.

Тогаш почнав да ги сонувам соништата – ужасни застрашувачки кошмари, живописни повторувања на траумата.

Мислев дека нема да можам да се справам со тоа, се чувствував како да експлодирам но ете со помош на моите најблиски успеав. Најпрво се помирив со фактот и ја почнав борбата со демоните и кошмарите кои ме прогонуваа. Посетив стручни лица кои ми помогнаа, вештаци кои ме сослушаа, јавни обвинители кои се трудеа, за да на крајот после цели две години и неколку рочишта на кои „Предаторот” во својот исказ пред Судија, јавен обвинител и адвокати да не речам го признава делото и настаните кои се случиле, да повторно се изненадам и разочарам и воедно ме предизвика да го напишам овој текст за да ја продолжам битката.

За мене разочарување се одлуките и пресудата на судијата. Замислете! Со признание дека се гореспоменато се случило, дека истиот ме допирал безсрамно, дека во еден момент рацете ги спуштил према моите гради, извинете и не можам повеќе да молчам.

Многумина ќе се смеат, други ќе ме осудат, трети ќе ме подржат.

Се уште искрено се надевам дека јавниот обвинител кој ја водеше подоцна постапката ќе ја обжали оваа пресуда и дека повискоите судови ќе донесат праведна пресуда со која ќе биде задоволена правдата и од таквата пресуда предаторот нема да ја види светлината на денот, а не утре додека стане таа одлука правосилна истиот при слобода да го стори истото ако не и полошо кривично дело, ако веќе и не сторил.

Мислам дека доволно кажав и ќе пренесам порака на еден млад човек, млада девојка, невино детенце…

Време е за промени, време е за акција, не само празни зборови. После секој ужасен настан во кој се вклучени деца, сакам да ги повикам сите организации меѓународни и државни за заштита на жената и децата, политички и административни кои исто така декларативно секој ден се залагаат и се борат за подобри женски и детски права.

Можеби чукам на погрешна врата, но се надевам на поддршка во борбата со овие појави, време е за промени на законите, време е санкциите да бидат санкции, а не само празни зборови кога веќе се ќе биде доцна.

Тогаш бев јас, утре ќе биде некој друг, додека не биде касно ве молам барам подршка да ја пренесеме оваа порака.

Не молчете, бидете силни само така ќе ја зачувате вашата гордост!“



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.