Православните верници утре го слават Свети Никола, слава која ја одбележуваат најмногу семејства. На овој ден не се работат никакви домашни работи, не треба да се чисти, усисува, пере …Постои верување дека на тој ден никој не треба да го потсетувате на долг, ниту додатно да му ја отежнувате положбата затоа што е должник. Треба да се носат подароци за оние кои го слават Свети Никола.
Меѓутоа и оние кои го слават празникот по некои обичаи на некои места во земјава своите гости не треба да ги пуштат со празни раце, туку мора да им дадат дарови пред да си одат дома.
Во Македонија и во светот има безброј цркви, манастири, икони и фрески, кои се посветени на овој светец. Многу македонски семејства утре вечер со богата посна трпеза на која преовладуваат рибата и посните сарми ќе го прослават празникот. Свети Никола е еден од најсаканите христијански светци.
Овој светец имал многу возбудлива животна приказна, која со векови ги фасцинира христијаните. Роден во малоазискиот град Патара, пристаниште на медитеранскиот брег на денешна Турција, свети Никола живеел во 4 век, многу пред расколот помеѓу православната и католичката црква од 1054 година.
Неговите богати родители Теофан и Нина, синот Никола го добиле во време на владеењето на римскиот цар Валеријан (253 – 260 година), алчен човек што поради страста за златото организирал воен поход на Персиското царство. Персискиот крал Шапур го заробил во битката кај Едеса, го понижувал во заложништвото и, на крајот, го убил сипајќи му истопено злато низ грлото, како симбол на неговата алчност.
Бидејќи Валеријан бил прв (и останал единствен) римски цар што е заробен во борба, неговото заложништво и смрт предизвикале бран нестабнилност во Римската империја.
Во такво нестабилно опкружување растел младиот Никола. Кога неговите родители умреле во големата епидемија, Никола го разделил целото наследено богатство. Уште како дете се истакнувал со добро воспитание поради што станал омилен и пред Бога и пред луѓето. Го одгледувал чичкото, архиепископот Патаре, под чие будно око Никола напредувал во црквената хиерархија. По смртта на чичко му, Никола е избран за архиепископ мирликијски. Бил и еден од архиепископите што се повикани пред царот Константин на саборот во Никеја во 325 година.
Свети Никола умрел на 19 декември 343 година. Погребан е во соборната црква Мирликијска митрополија, а кон крајот на 11 век неговите мошти се пренесени во Бари, во манастирот Свети Јован Претеча.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.