Издавачката куќа „Арс Ламина – публикации“ деновиве донира новогодишни пакетчиња во Детската клиника – Скопје и во ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ во Битола.
Станува збор за трајни, едукативни и интерактивни пакетчиња со боенки, книги со активности, сликовници, судоку-решавалки, детски книги, тефтери и календари. Тие ќе бидат наменети за децата-посетители на Дневниот центар „Собата на Жозеф“ во Детската клиника (опремена по иницијатива на Здружението за борба против рак, „БОРКА – За секој нов ден“), како и за децата згрижени во Клиничка болница во Битола.
Со овие донации „Арс Ламина“ ја продолжува својата мисија книгите да бидат достапни за сите деца, со надеж дека барем за миг ќе им го направат поиздржлив периодот на лекување и ќе им ги оттргнат мислите од секојдневието.
„Арс Ламина“ се вклучи и во најголемата добротворна предновогодишна акција „И јас сум Дедо Мраз”, организирана од „Проект Среќа“. Хуманитарниот пакет на „Арс Ламина“ содржи над 100 книги, сликовници и боенки што ќе бидат наменети за деца во висок социјален ризик.
Донациите ќе им го олеснат финансискиот товар на многу родители кои, за жал, не се во можност да им овозможат на своите деца пакетчиња и подароци за новогодишните и божиќните празници. Почнувајќи од 17 декември, пакетичињата од акцијата на „Проект Среќа“ ги доставува „лично“ Дедо Мраз, до повеќе од 1000 деца од цела Македонија.
Ова е втора година по ред како издавачката куќа „Арс Ламина“ ја поддржува акцијата „И јас сум Дедо Мраз” под мотото „Секое дете треба и мора да има Среќна Нова година“. Покрај ланската предновогодишна акција „И јас сум Дедо Мраз”, „Арс Ламина“ ја поддржа и добротворната кампања „Среќна школска година“ со пакет едукативни помагала и училишни материјали. Годинава, исто така, заеднички ја збогатија и училишната библиотека на ПОУ „Златан Сремeц“ – Скопје, со донација од над 50 книги и сликовници.
Хуманитарните активности на „Арс Ламина“ се во текот на целата година. Меѓу другото, пред почетокот на учебната година донираше библиотека со повеќе од 370 книги на специјализираната просторија за психосоцијална поддршка на децата заболени од малигни болести – „Собата на Жозеф“ во Детската клиника – Скопје. Донираше и повеќе од 860 учебници и едукативни материјали за децата од основните училишта во Општина Пустец, Мала Преспа во Р. Албанија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.