Дали сте се загледале во ноќното небо на августовска вечер? Тогаш сте забележале дека е преполно со ѕвезди – како целиот космос да се отворил пред нас. И оваа година месецот август ни го носи метеорскиот дожд Персеида, метеори што на небото се активни од 17 јули до 24 август.

Овој дожд од ѕвезди што паѓаат својот врв ќе го достигне ноќта помеѓу 11 и 12 август, а потоа, бројот на метеори ќе почне да опаѓа. Најголема шанса да видите ѕвезда што паѓа ќе имате ноќта на 12 август, а најубаво ќе се гледаат по 23 часот, односно од полноќ до зори.

Се смета дека дождот Персеида е најубав, бидејќи овие метеори имаат највпечатлив сјај а и брзо паѓаат. Нивните блицови се многу јаки, а најубаво е да ги гледате во природа, каде што небото е отворено и воздухот не е загаден. Совршено се гледаат во мракот, па одете на некоја полјана, брдо или планина со блиска личност и уживајте во прекрасниот огномет од ѕвезди што паѓаат на небото. Запомнете, на вашите очи им треба малку време да се навикнат на мракот, па дури потоа почнете со набљудување.

Овој ритуал можете да го практикување на 11, 12 и 13 август и сигурно ќе здогледате ѕвезда што паѓа, за која се верува дека има моќ да ја пренасочи енергијата кон остварувањето на она што го сакате. Ова е одлична можност да размислите за промените што сакате да ги направите во животот и да се освестите како да ги остварите своите цели и желби.

Кога ќе здогледате ѕвезда што паѓа, замислете си искрена желба, од срце, затворете ги очите и неколку минути визуализирајте ја вашата желба, а потоа продолжете да го набљудувате небото. Ако во текот на ноќта видите повеќе ѕвезди што паѓаат, можете да ја замислите истата желба повторно или да си замислите некоја друга. Важно е само да биде од срце и да не ја откривате својата желба на другите, туку да ја чувате во тајност.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.